(Видео) „Сакаме лек, не комодитет“, скандираат болните од цистична фиброза пред Финансии, министерот ги прими на разговор
„Сакаме лек, не комодитет“ и „Нема да си одиме“ скандираат болните од цистична фиброза и нивните семејства пред Министерството за финансии. Дваесетина минути откако почна денешниот протест инициран поради тоа што нема најава за набавка на лекот „трикафта“ за сите што го чекаат, претставници од Асоцијацијата за цистична фиброза беа повикани и влегоа во Министерството на разговор.
Додека внатре се разговара за нереализираното ветување дека лек ќе се набави за сите, протестот пред Министерството продолжува. Ечат свирчиња, а болните и нивните семејства носат транспаренти „Ретки сме и постоиме“, „Наше право за лек, ваша обврска“, „Здравје пред профит“, „Бидете ни сојузници во нашата борба за живот“ и „Не диши, имаме други приоритети“, со кои бараат Министерството за финансии за одвои средства за набавка на лекот.
Болните и нивните семејства со свирчиња и транспаренти бараат Финансии да одобри средства за набавка на „трикафта“
По смртта на Благојче Илиевски, еден од најгласните борци за набавка на „трикафта“, лекот беше итно обезбеден, но го добија само 12 пациенти, чија состојба беше оценета како најкритична. Беа донесени и законски измени за полесна набавка, но веќе трет месец нема известување дека лекот се набавува и за другите болни.
Според податоците од Асоцијацијата, во земјата има околу 140 болни од цистична фиброза.