|

(Видео) Селмани: Руско-српскиот свет ровари, владата и медиумите се прават на Тошо!

Минатата недела поранешниот претседател Стево Пендаровски и британскиот амбасадор во Скопје, Метју Лосон, упатија сериозни и речиси идентични предупредувања за руското хибридно влијание врз информацискиот систем на Северна Македонија. Во интервју за „Цивилмедиа“, Пендаровски беше директен: Северна Македонија, одамна функционира како прокси-држава на Русија.

Слична оценка даде и амбасадорот Лосон, кој во присуство на премиерот Мицкоски истакна дека Русија има едно од најмоќните странски влијанија во земјава како земја членка на НАТО. Тој појасни дека централниот механизам на тоа влијание е руската пропаганда што ја оправдува агресијата врз Украина. На експертската конференција во Скопје за хибридните закани, Лосон нагласи дека дезинформациите и манипулациите директно ги поткопуваат демократските процеси, го попречуваат пристапот до веродостојни информации и ги спречуваат граѓаните да учествуваат во јавната дебата за важни прашања. Важно е да се потенцира дека Пендаровски е првиот висок македонски политичар што отворено проговори за длабочината на руското влијание – и тоа врз основа на разузнавачки информации од домашните и НАТО-сојузничките служби.

Слични предупредувања годинава упати и Европската унија во годишниот извештај, каде што се нотира дека „Српскиот свет“ го поткопува суверенитетот на Северна Македонија. Како носител на оваа политика беше посочен вицепремиерот Иван Стоилковиќ, кој отворено поддржува идеи за прекројување на границите на Балканот и има директни врски со официјална Москва. Но наместо сериозен институционален одговор, политичкиот естаблишмент најчесто реагира со игнорирање или потценување на овие предупредувања. Кога Европскиот извештај беше објавен, премиерот Мицкоски прво не веруваше дека таква оценка воопшто постои, а потоа се обиде да ја минимизира.

Сепак, на конференцијата во Скопје тој делумно го смени тонот, признавајќи дека дезинформациските кампањи претставуваат безбедносен предизвик што не може да се надмине со молк. Истовремено, упати на недостаток на ресурси и кадар, но не и на конкретна политичка акција. Досега, реална акција практично и нема. Напротив, долго време преовладуваше молк и одбивање да се соочиме со реалноста. Дали тоа беше резултат на незнаење или на свесно толерирање на руско-српското хибридно влијание останува да се види. Дека предупредувањата се основани, го потврдуваат и податоците од истражувањето на јавното мислење на Фондацијата „Метаморфозис“, спроведено во октомври од „Индиго“. Резултатите се алармантни: значаен дел од испитаниците имаат проруски ставови за војната во Украина, не ги поддржуваат уставните измени и се против санкции кон Русија. Дури 45 отсто од испитаницие не поддржуваат санкции против Русија. Општеството е длабоко поларизирано и во однос на сојузите: 45% гледаат поголема корист од сојузништво со НАТО и ЕУ, додека 43% од сојуз со Русија.

Овие бројки ја потврдуваат тезата за силна пропагандна пенетрација на Москва. Најголема одговорност за оваа состојба сноси политичката елита и најголем дел од медиумите. Македонските политичари често шират лажни наративи дека ЕУ го оспорува македонскиот идентитет или дека стои на страната на Бугарија. Најеклатантен пример беше изјавата на премиерот Мицкоски дека Европскиот извештај би бил позитивен „ако Македонците не постоеле“ – типичен обид да се манипулира со етничките чувства за да се одвлече вниманието од недостатокот на реформи.Медиумите, пак, масовно и некритички пренесуваат руски наративи за војната во Украина, често извртувајќи ја реалноста и претставувајќи ја жртвата како агресор.

Освен руската пропаганда, тие некритички цитираат и западни политичари или новинари блиски до Кремљ – најчесто Виктор Орбан или претставници на крајната десница во ЕУ и САД.Ваквиот неодговорен однос сериозно ја загрозува позицијата на Северна Македонија како членка на НАТО и кандидат за членство во ЕУ. Србија може да игра на две столчиња бидејќи не е дел од Алијансата, но Северна Македонија нема таков луксуз: земјата има јасно дефинирана геополитичка ориентација и секое тактизирање ја поткопува довербата на партнерите. Ако премиерот навистина има политичка волја, постојат чекори што може да ги направи веднаш – уште пред јакнење на институционалните капацитети.

Прво, веднаш да го разреши вицепремиерот Иван Стоилковиќ, кој е јасно посочен од ЕУ како носител на политиката на „Српскиот свет“.Второ, да иницира итна јавна дебата со новинарските здруженија, медиумите и граѓанските организации за некритичкото пренесување на руската пропаганда, особено за војната во Украина – и тоа да се направи сега, додека темата е централна и релевантна.Трето, да побара од Србија да ја врати архивата на поранешната УДБА и КОС за македонските граѓани до 1991 година – барање кое го поддржува и Европскиот парламент, а Србија упорно го игнорира.

Само преку јасни, брзи и кредибилни чекори може да се покаже дека земјата ја разбрала пораката од ЕУ и Велика Британија и дека има политичка волја да се спротивстави на руско-српските хибридни влијанија.



Слични Објави