(Видео) Схинас во „Брисел 1“: Бугарија исполни сѐ што е потребно за влез во Шенген зоната
„Бугарија ја заврши својата домашна задача – направи се што е потребно за да стане дел од Шенген зоната. Сѐ е направено со консензус, доследно, во долг и одржлив временски период, за да може да се потврди преку низата мисии и технички прегледи што беа извршени во Бугарија и Романија“. Ова во ексклузивно интервју со познатата бугарска новинарка Милена Милотинова, за телевизијата Bulgaria On Air го изјави заменик-претседателот на Европската комисија, Маргаритис Схинас.
„Мислам дека доцнењето на приемот на Бугарија и Романија во Шенген зоната нема практично оправдување. Можеби има политичко или некои земји-членки имаат друг вид проблеми, но што се однесува до техничкиот аспект на влезот на Бугарија и Романија, нема никаков сомнеж по тоа прашање. Мојот совет е да имате малку трпение – мислам дека нема да биде потребно многу време, мислам дека тоа ќе се случи наскоро“, рече Схинас во емисијата „Брисел 1“.
Во врска со намерата на Романија да бара компензација за загубите предизвикани од фактот што не е дел од Шенген, еврокомесарот Схинас коментира:
„Не сум сигурен дали некаква судска разрешница, како онаа што ја разгледува романската влада би помогнала да се реши проблемот, бидејќи сега е потребна политичка волја и консензус во Советот на ЕУ. Колку повеќе време поминува, толку е поочигледен напредокот на Бугарија и Романија за приклучување кон Шенген, толку помал отпор ќе има меѓу земјите-членки. Како Грк си замислувам, што би значело за прв пат во југоисточна Европа да има Бенелукс на Балканот – слободен простор за патување на 40 милиони Европејци од Дунав до Егејското Море. Ова ќе ја промени Европа“.
Според неговите зборови, по многуте избори, „во голема мера помага фактот што сега Бугарија го пронашла патот кон политичка стабилност со влада, која има јасен хоризонт“.
„Но, сакам повторно да повторам – нема што да се поправа, бидејќи и пред оваа влада, Бугарија си ја вршеше работата. Но, се разбира, фактот што имате постабилен политички систем во Бугарија дозволува да се користат повеќе политички аргументи. Не сакам да ставам рокови, но дозволете ми да повторам дека што се однесува до нас, како Европска комисија, тоа мора да се случи час поскоро. Во совршен случај – пред крајот на актуелниот политички циклус“, додаде еврокомесарот во интервјуто што го даде непосредно пред говорот на Урсула фон дер Лајен во ЕП оваа среда, кога таа повика за побрз влез на Бугарија и Романија во Шенген зоната.


