(Видео) Снежно невреме парализираше колона возила со 70 лица во БиХ, спасувачката акција траеше 10 часа
Снегот кој непрекинато паѓа повеќе од 24 часа во поголемиот дел од БиХ, денеска предизвика бројни потешкотии во патниот сообраќај, а на територијата која е дел од ентитетот Република Српска, целиот железнички сообраќај е во прекин поради дефект во далноводите.
Автомото клубот на Босна и Херцеговина (БИХАМК) издаде предупредување до сите возачи поради отежнат сообраќај на патиштата кои водат преку планинските превои.
Поради тоа, дел од регионалните патишта мораше целосно да се затворат, а најлоша е состојбата во поширокото подрачје на Дрвар, каде колона возила со 70 лица, меѓу кои и деца, беше парализирана од снежно невреме на патот што води кон Босански Петровац, ноќта помеѓу понеделник и вторник.
Спасувачка акција траела цели десет часа.
Автопатот што води од Босанска Градишка до Добој е забранет за сообраќај на камиони, а вакво ограничување е воведено и за голем број главни и регионални патишта во северна и северозападна Босна.
Во Сараево висината на снегот во утринските часови достигна 30 сантиметри, а висината на снежната покривка на околните планини над еден метар.