(Видео) Светски познатиот хор „Мистеријата на бугарските гласови“ гостува во легендарната сала „Олимпија“ во Париз
Светски познатиот хор „Мистеријата на бугарските гласови“ утре (27 септември) ќе настапи во легендарната парижка концертна сала „Олимпија“, потврди продуцентката Бојана Бункова за БТА, јавува БНР.
Поканата за настапот доаѓа од француски импресарио и ќе биде второ појавување на прочуениот ансамбл на една од најпрестижните сцени во светот. Првото гостување на „Олимпија“ се случило во 90-тите години од минатиот век.
Овојпат формацијата ќе ја претстави програмата „Гласови и жици“ заедно со композиторот и диригент Георги Андреев и камерниот состав Quarto.
„Георги Андреев е еден од најцелосните и најразновидни современи бугарски композитори. Неговиот талент блескаво да ја спојува класичната хорска и оркестарска музика со традиционални ритми и народни стилови го прави совршен партнер за ‘Мистеријата на бугарските гласови’“, се вели во француската најава за концертот.
За Quarto, пак, е наведено дека претставува „еден од најреномираните бугарски ансамбли за класична и современа камерна музика, добитник на бројни меѓународни и национални награди, признат по ретката способност да ја интерпретира секоја музичка композиција, од секој период и стил, со беспрекорен перфекционизам“.

