Досијеата и патот кон Европа (1)
Пишува: Владимир Перев
Една нова вест низ изобилието написи за македонско-бугарските односи предизвика интерес во Македонија. Потоа “работата“ замре, интересот одмина, како за нешто минало и неважно. Имено, се објави дека, “македонската влада ќе подготви нов закон, со кој ќе се овозможи отворање на сите досиеја од 1945 до 1991 година, со што тие ќе бидат јавни и достапни за сите. Со тоа решение ќе се испочитува обврската од протоколот што го потпишаа министрите за надворешни работи на Македонија и на Бугарија, Бујар Османии Теодора Генчовска. Тоа би било сеопфaтната правна рамка за целосно отворање на архивите на репресивниот апарат на поранешните служби за државната безбедност од комунистичкиот период, вклучително полицијата, цивилното и военото разузнавање и контраразузнавање“. Рокот за изготвување на проектот е една година.
Погрешна е перцепцијата на многумина дека овде станува збор за некаква нова лустрација. Процесот на лустрација во Северна Македонија заврши и таа беше спроведена на ниво кое одговараше на реалната кондиција на македонското општество. Просто речено, беше коректна, точна, со извесни мали отклонувања. Чесно би било да се каже дека повеќе ниту се можеше, ниту се очекуваше.
Договорот Генчовска-Османи е сосема нешто ново. Не се бараат “кодошите“, речено на најпрост начин. Не се бара лустрација, сега се бара осуда на цел еден ненароден, сталинистички и постнацистички систем применуван на поинакумислечките во земјава, само заради тоа што не го примиле македонизмот како своја национална идеологија, ами останале на старите уверувања. Имено, останале со уверувањата дека некои од нас се бугари, некои од нас албанци, а бога ми, ги има и срби гонети заради неприклонување кон националниот пропаганден етникум. Се работи за Договор кој е каписла со закаснето палење за демократско институционализирање на европските вредности. Ако во ПАСЕ се донесе решение за осуда на нацизмот и на комунизмот како нечовечки режими, засновани врз владеењето на супремација на расна или класна основа (Напомена: не се осуди фашизмот, тоа е систем на владеење) и таа одлука се примени насекаде, во Македонија остана мртва буква на хартија. При гласањето во ЕП, единствено македонскиот претставник беше воздржан, сите гласаа “за“. Сега дојде времето да се изнесат гревовите на периодот на “воениот комунизам“ кај нас, кој сепак продолжи малку повеќе од вообичаеното, барем што се однесува на односите со Бугарија.
Деновиве пак, службениот министер за надворешни на Бугарија, Милков, носи и некаква нова патна карта за реализацијата на зацртаната програма. Додуша, само за нив таму, ама, по добриот обичај, последиците ќе бидат овде. Во Северна Македонија веќе со резигнација се констатира дека секој нареден премиер и министер за надворешни работи на Бугарија, стануваат сѐ поопасни…се наложува сознанието дека АСНОМ, de facto, умре со Кирил Петков!
Сепак, во Договорот Генчовска-Османи има извесни нејаснотии. Не е јасен во областа на преземените обврски. Не се работи за лустрација на соработниците, се бараат раководители, наредбодавци, началници на полиција со документи за целенасочено прогонство на бугарскиот етнос во МКД. Исто и за албанскиот народ. Се бараат акти на Министерството за внатрешни и наредби, на раководители од тоа министерство, уредби и други подзаконски акти, со кои, наспроти Уставот на ФНРЈ/СФРЈ и НРМ/СРМ, на службите им се дозволува насилен, незаконски, и противуставен начин справување со “државниот и национален непријател“.
Овие проблеми постсоцијалистичкиот свет, Источниот лагер ги разрешуваше на неколку начини. Воглавно, отстранети беа сите носители на политичката власт во тие земји низ процесот на лустрација. Некои беа и судени, како на пример Тодор Живков, а некои и беа стрелани како Чаушеску. Имаше и “тивки“ смртни пресуди, кои во некои земји беа секојдневие. Не е за пофалба, но е тема за размислување. Ние си го донесовме Киро Глигоров од Белград, за да се одржи континуитетот на српско-македонското единство и да се продлабочат недоразбирањата со Бугарија. На крајот, тоа и го добивме. Казусот Македонија стигна до највисоките тела на ЕС и на општо изненадување, сите членки на Европскиот Сојуз, застанаа на страната на Бугарија. Индикативно е што Француската Република, за прв пат во својата историја, застана на страната на Бугарија, наспроти вкоренетото мнение дека французите се вековни пријатели со Србија и секогаш во добри односи со Русија. Тоа доволно говори за нашата, македонската ситуација.
Од неброените случаи на терор на безбедносните служби на Југославија, онаа кралската и титовата, низ два случаи може да се види патолошката омраза на еден режим кон цел еден народ, неговот минати и култура.
Д-р Асен Татарчев (12 ноември 1893 г. Ресен-9 август 1970 г. Куманово) е внук од брат на основачот и прв председател на ТМОРО д-р Христо Татарчев. Асен е познат како борбен, непоколеблив и корав бугарин. Во 1928 година е осуден на четири години затвор от властите на кралската Југославија. Во истрагата е тепан и малтретиран, скршени му се две ребра и го губи слухот на едното уво. По затворот заминува за Бугарија. Се враќа во Битола во 1941 година и работи како лекар. Во 1944 година “народната власт“ го апси, малтретира во истражната постапка и осудува на смрт со стрелање. Пак заради истото, сакал да има бугарска народност во Македонија. Сепак, пресудата е променета, тој е амнестиран и излегува од Идризово во 1951 година.
Вториот случај е исто така индикативен…има двајца “актери“ – Ангел Митрев-Геројот (Скопје 1919- 2008 Скопје) и Лазар Крајничанец (1895 Велес – починал на непозната дата веројатно во Скопје). Судени се во два наврата. Првиот пат во 1946 година за “навреда на националната чест“, затоа што се кажувале како бугари, а вториот пат во 1977 година заради “ширење непријателска пропаганда и забранета литература“. Имено, и двајцата се фатени на граничниот премин Деве Баир како од Бугарија носат примероци од книгата “Ранни спомени“ на Симеон Радев и изданието на БАН- „Македонският въпрос – историческа справка“. Поминале неколкумесечно тормозење низ македонските затвори, затоа што тврделе дека македонците се бугари…се прашуваме, кого тоа го интересира, што говорат и што читаат двајца старци “на заминување“. Сепак, Ангел Геројот е осуден на пет години строг затвор, а Лазар Крајничанец на пет и пол години. Во тоа време Крајничанец имал 83 години а Ангел Геројот 58 години!
Овие два случајно извадени казуси на македонското/југословенското правосудство говорат за потребата од отворањето на досијеата. Не е важно дали некој ги поткажал, тоа го решивме во процесот на лустрацијата. Сега е важно кој агент на УДБ-а го водел случајот, кој бил судијата кој ги судел, кои биле поротниците кои суделе, кој или кои биле адвокатите на одбраната, како се одвивал процесот. Важно е дали се судело по закон и совест, или се судело по наредба на повисок орган, функциоер на службите за безбедност или најчесто партиски функционер од ЦК на СКМ или СКЈ.
Од тројцата споменати, двајца се личности со силно педигре. Крајничанец потекнува од познато велешко-прилепско семејство на фармацевти, книгоиздатели и печатари, секогаш блиски до ВМРО, а д-р Асен Татарчев, покрај семејното педигре е познат како голем противник на влегувањето на Бугарија во Втората светска војна на страната на Германија. Студирал во Швајцарија, имал жена швајцарка/французинка и бил голем франкофон, човек со огромни врски во француските и швајцарските државни структури. Веројатно тоа и го спасило!
Она што се бара да се постигне со Договорот Генчовска-Османи е целосно отворање на правосудниот систем, посочување на неговата партиска и националистичка определеност низ периодот од 1944 година до денес и преземање соодветни мерки. Само така, на тој начин, со развенчување на правосудството од националистичката политика на било која земја воопшто, како и со раздвојувањето од насилствените безбедносни структури, раздвојувањето од партиските влијанија, ќе се постигне самостојност и одговорност во судските процеси. Тоа е и патот кон демократијата, онаа европската, за која сите ние се залагаме, барем со изјава или на хартија.
Со визијата за европска демократија имаме проблем, барем ние овде во Македонија. Во Северна Македонија има барем единаесет невладини организации кои го носат предиктот ‘европски“, речи си сите финансирани, помалку или повеќе, со европски пари. Од нив најзначајни и најактивни се три: 1. Институтот за демократија на Марко Трошановски, 2. Институтот за европска политика на Симонида Кацарска и 3. ЕПИ, со својот најгласен претставник, Малинка Ристевска Јорданова.
Се покажа дека името, парите и зборовите “европска демократија“, немаат големи меѓусебни врски, барем не овде, во Македонија. Наместо да ги бранат ценностите на демократијата, претставниците на овие организации целосно застанаа против Договорот за добрососедство со Бугарија и најмногу, против “патната карта“ за спроведувањето на тој договор. Националниот идентитет и националистичката вокација на македонското општество беа предмет на нивна одбрана, наместо промоција на еврпските заложби. Дури и премиерот Ковачевски се осврна на нивната дејност со негативен коментар, но беше бргу замолкнат, во името на “европските вредности“. Не е јасно зошто кукавички молчи бугарската страна и нивните претставници во Европарламентот. Ако овие организации навистина добиваат европска финансиска поддршка (нешто кое е нормално и треба да биде), тогаш тоа се пари и од бугарските даночни обврзници, пари кои се слеваат во европските фондови. Тие, бугарите треба да ја преразгледаат работата на овие невладини организации. Не, не е забрането да се води политика на зачувување на национализмот во современото општество, ама тоа треба да се работи со средства од сопствената држава, а не со средства во кои учествува и државата против чија политика се изјаснуваат.
Затоа, долг и тежок ќе биде патот на Македонија кон ЕС, пат полн со себеодречувања…ако е за утеха, сите држави го поминале тој пат! Никому ништо не му дошло без заслуга и одрекнувања!
Следува Патот на досијеата