(Видео) Величковски: Не е можно решение во Брисел за одложено дејство на уставните измени и премиерот го знае тоа
Сакате да ми кажете дека ние застапуваме како држава, како нација, а веројатно и нашата правна мисла застапува мислење дека ние можеме да одложиме примена на човекови права со тоа што, одредени колективни права што тие заедници ќе ги остваруваат, ќе ги остваруваат после одложено, откако нешто ќе се случи. Затоа не можеме да наидеме на разбирање и од оние кои ни се стратешки пријатели и партнери. Со овие зборови лидерот на партијата „Движење за нова република“ Ивон Величковски ја коментираше идејата промените во Уставот на РС Македонија со внесувањето на Бугарите и уште четири етнички заедници како делови од народи, да бидат со одложено дејство, со цел Бугарија да не ја блокира земјата на патот кон ЕУ.
Во емисијата „Тема на денот“ на тв. Сител Величковски ги повика сите политички чинители да му дадат шанса на Мицкоски и на неговата партија да ретерира од ригидните ставови искажани во предизборието во однос на тоа прашање.
„Ајде да му овозможиме на ВМРО-ДПМНЕ да ретерира, да каже ете добро направивме мала беља, ние ги излажавме граѓаните, дури не мора да го каже ни тоа. Затоа ние сме во опозиција, ќе кажеме да тоа е фактичката состојба, луѓето ќе си ценат… “, вели Величковски.
Според првиот човек на „Движење за нова република“ не е изводливо решение во Брисел за одложено дејство на уставните измени, идеја што ја застапува токму владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ.
„Според нас не, а мислам дека и сите пораки што му се упатени на премиерот се такви. Тој тоа добро го знае. Сега се бара модалитетот како да излезе од тоа што самиот со доведе до ѕид. Тука нема потреба од отворена или затворена седница, нема нешто што на затворена седница, пратениците во собранието би одлучувале по некакви прашања, кои не се тајни, туку се многу јасни и јавни. Затоа треба сите да му овозможиме да се извлече од таа позиција, себе си, партијата и владата, а тоа понатаму ќе се реперкуира во политичките односи на сосема поинаков начин, од она од што се плаши ВМРО-ДПМНЕ. Никој нема да им замери, ако кажат дека направиле грешка. Граѓаните ќе мерат според тоа што ќе се случува како процеси, натаму со процесот на пристапувањето на земјата кон ЕУ“, дециден е Величковски.
Величковски е скептичен во врска со помошта од страна на Орбан, истакнувајки го фактот дека Унгарија го поддржала раздвојувањето на РС Македонија од Албанија на патот кон ЕУ.
Што уште кажа Ивон Величковски во врска со Коридор 8 и засилените контакти на земјата со Белград, за кои истакна дека таква соработка немало и за време на Југославија видете во видеото што следи:

