(Видео) Владимир Димитров-Мајсторот- ликовниот уметник, кој ги нацрта најубавите портрети на бугарската жена
Роден на 1 февруари 1882 година во селото Фролош, Ќустендилско, во крајно сиромашно семејство, тој започнува да работи како писар. Неговите сограѓани, препознавајќи го неговиот талент, го охрабруваат да студира сликарство и собираат средства за да може да го развие својот дар. Така, во 1903 година е примен во Уметничкото училиште во Софија (денес Национална ликовна академија) како вонреден ученик и учи кај истакнати уметници како Иван Мрквичка, пишува Актуално. Речиси без исклучок ги освојува сите конкурси на кои учествува, а неговите соученици едногласно му го даваат прекарот Мајсторот. На крајот доаѓа до преседан – на крајот од неговото школување, раководството на Уметничкото училиште донесува одлука да му издаде уверение за завршен курс како редовен ученик, иако тој дури немал завршено прогимназиско образование, а оваа одлука е официјално потврдена од Министерството за народна просвета.
Учествува како доброволец и воен сликар во Балканската, Меѓусојузничката и Првата светска војна, а делата од овој период ја пренесуваат атмосферата и емоциите на војната преку стотици скици на бугарски војници.
Владимир Димитров – Мајсторот е познат по својот самобитен и оригинален стил, кој се одликува со живи, експресивни бои и длабока поврзаност со бугарскиот национален дух и традиција. Во неговите слики често се појавуваат бугарски селани и селски сцени, при што е прикажана хармонијата меѓу човекот и природата — најчесто во стилизирана и поетска форма. Своевидна емблема на неговото творештво е „бугарската мадона“ — портрети на селанки, мајки и девојки со смирен израз на лицето, често со дете, плодови или симболи на плодноста, како симбол на женственоста и чистотата. Иако Мајсторот многу патува — ги посетува Русија, Италија, Франција, Турција, Германија и САД — најголемата инспирација за неговите дела остануваат бугарските традиции и пејзажите од родниот крај. Често е восприеман и определуван како кулминација на бугарската сликарска традиција по Бојанскиот мајстор и Захариј Зограф.
Во 1924 година склучува договор со американскиот сенатор и меценат Џон Крејн, кој однапред ги откупува сите дела што уметникот ќе ги наслика во наредните четири години. Станува збор за повеќе од 200 слики, кои подоцна се распространети низ Европа и САД, а денес многу од нив се наоѓаат во приватни колекции.
Опишуван е како исклучително скромен, дури и аскетски тип човек, а во некои сведоштва е споредуван со религиозна или филозофска фигура — човек чија уметност и живот се дел од еден целосен духовен стремеж.
Има неколку самостојни изложби во Софија — во 1922, 1925 и 1927 година, а учествува со свои дела и на заеднички изложби во Берлин во 1916 година, во Рим во 1922 година и во Прага во 1925 година.
Со текот на годините, Мајсторот е одликуван со бројни признанија и награди: во 1944 година станува почесен граѓанин на Ќустендил, во 1950 година го добива звањето „Заслужен уметник“, а две години подоцна — „Народен уметник“, при што му е доделена и Димитровската награда. Во 1952 година го добива орденот „Кирил и Методиј“ од I степен, потоа следуваат ордените „Народна Република Бугарија“ од I степен во 1957 година и „Георги Димитров“ во 1959 година. Во 1972 година во Ќустендил е отворена Уметничката галерија „Владимир Димитров – Мајстора“, која ја содржи најголемата колекција од негови дела (над 1.300).
Во селото Шишковци (Ќустендилско), каде што уметникот живее долги години, се наоѓа и неговата куќа-музеј.
Во 1982 година Бугарија издава поштенски марки со слики на Мајсторот по повод 100-годишнината од неговото раѓање. Неговиот лик беше прикажан и на банкнотата од 10.000 лева (во оптек меѓу 9 декември 1996 година и 31 декември 1999 година).
На Гринич Ајленд во Антарктикот постои врв што го носи неговото име — „Maystora Peak“, како знак на светско признание за неговата уметност.
