Владата ја усвои информацијата за договор за соработка со Crossrail International Limited – CIL од Обединетото Кралство
На денешната 114-та редовна седница, Владата на Република Северна Македонија ја разгледа и усвои информацијата за склучување на договор за соработка меѓу Јавното претпријатие за железничка инфраструктура – Скопје и јавната институција на Министерството за транспорт на Владата на Обединетото Кралство Crossrail International Limited – CIL.
Со договорот се воспоставува рамка за унапредување на соработката преку размена на експертиза, искуства, добри практики и научени поуки, во поддршка на проектите на ЈП ЖРСМ Инфраструктура – Скопје. Посебен акцент е ставен на развојот на брзата железница, унапредувањето на товарниот железнички сообраќај, како и модернизацијата на сигналните и контролните системи, инфраструктурните надградби, депоата и железничкиот возен парк.
Договорот е склучен на период од пет години, со можност за продолжување за дополнителни пет.
Оваа иницијатива произлегува од веќе воспоставената соработка меѓу македонската Влада и Владата на Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска, со цел поддршка и реализација на приоритетните инфраструктурни проекти во земјава.

