Владимир Кличко: Му благодарам на бугарскиот народ, ни доставувате муниција и енергија за да издржиме
Боксерската легенда Владимир Кличко му се заблагодари на бугарскиот народ за помошта што Бугарија ѝ ја дава на Украина за нејзината одбрана од агресијата на Руската федерација, пренесува Актуално.
„Сакам да му се заблагодарам на бугарскиот народ, бидејќи од почетокот на војната постојано ни доставувате муниција и ни давате можност да се браниме. Ни обезбедувате енергија за да можеме да издржиме и денес – ви благодарам многу“, рече боксерската легенда, кој беше гостин во емисијата „Лице во лице“ на бугарската БТВ.
Според него, Русија на Путин нема иднина, но Русија без Путин – би имала. „Нема начин оваа инвазија во нашите домови, во Европа, да се оствари на начинот на кој Русија на Путин го направи тоа. Мора да има последици за ова злосторство“, изјави Кличко.
„Најлошото злосторство е кражбата на нашата иднина, на нашите деца. Сите деца што се одвлечени од руската армија мора да бидат вратени кај нивните семејства во Украина“, посочи уште тој.
