ВМРО-БНД И ГЕРБ СО РЕАКЦИИ ЗА АМАНДМАНОТ ЗА МАКЕДОНИЈА ВО ЕП

//

Амандманите на годишниот извештај на Европскиот парламент за земјава за кој европратениците треба да гласаат утре вознемири дел од бугарските политичари. Имено, како што јави бугарската агенција БГНЕС вчера групата на Зелените и на Социјалистите во Европскиот парламент поднеле амандман во кој се наведува дека се осудуваат „неодамнешните провокативни изјави на членови на бугарската влада во однос на историските прашање кои ја засегаат Северна Македонија и се противречни со духот на Договорот за добрососедски односи со Бугарија“.

Во амандманот, кој е објавен на интернет страницата на ВМРО-БНД, партијата на бугарскиот вицепремиер Красимир Каракачанов, се наведува дека „се повикуваат бугарските власти да се воздржат од слични изјави, со оглед на предизборната кампања во Бугарија која е во тек.

„Го поздравуваме зрелиот и балансиран одговор на тие провокации од владините преставници во Северна Македонија“, се наведува во амандманот.


Европратеникот од ВМРО-БНД, кој е и потпретседател на партијата, Ангел Џамбазки амандманот го нарече скандалозен, насочен против бугарскиот национален интерес во Северна Македонија, за кој како што нагласи единствен гарант е ВМРО.



„Тоа е срамно. Не затоа што е потпишана од Партијата на европските социјалисти на Сергеј Станишев, туку затоа што се меша во внатрешните работи на Бугарија и е лажна и неточна, од почеток до крај. Претпоставувам, така да кажам, дека некој од моите колеги во Европскиот парламент направил сериозен компромис со совеста, за да не речем дека биле објекти на лобисти од Скопје. За да напишеш таква отворена лага и таква отворена глупост или треба да си направил компромис под некоја форма на лобирање или местото не ти е во Европскиот парламент“, наведе Џамбазки.

Реагираше и европратеникот од ГЕРБ Андреј Ковачев. Тој за агенцијата БГНЕС исто како Џамбазки ги обвини Социјалистите и Зелените и рече дека се надева дека тој амандман нема да биде изгласан.

„Европската народна партија солидарно ја поддржа Бугарија. Од името на Европската народна партија внесовме два амандмани кои се поврзани со одлуката на Европскиот парламент дека претходните препораки за недискриминација на луѓе кои се декларираат како Бугари не се исполнети и се уште е проблем да кажеш дека имаш нешто со Бугарија. Втората препорака е за историското помирување, кое се основа на заедничката бугарска историја, како што е напишано во Договорот за пријателство и добрососедство“, рече Ковачев.

Претходна статија

ЗА ЕДНА НЕДЕЛА 158 СМРТНИ СЛУЧАИ ПОРАДИ КОВИД-19

Следна статија

БИТОЛЧАНКА МОЛИ ЗА ПОМОШ ПОСЛЕ ОПЕРАЦИЈА СО НЕСАКАН ИСХОД: ЖИВОТОТ МИ ВИСИ НА КОНЕЦ ОД ЗАБОРАВЕНА ГАЗА, ЖИВЕАМ СО БОЛКИ, А МЕ БРКААТ ОД БОЛНИЦИ

Најново од Вести