ВМРО-ДПМНЕ бара истрага за прислушкувањето на Мицкоски и функционери
ВМРО-ДПМНЕ денеска соопшти дека бара Јавното обвинителство да реагира со темелна и транспарентна истрага и конечно да се расчисти скандалозниот случај со незаконското прислушкување на функционери на партијата, претседателот Христијан Мицкоски, новинари и бизнисмени.
Од партијата посочуваат дека граѓаните пет години живееле во заробена држава каде што биле прекршувани основните човекови права.
„Пет години претседателот Мицкоски и десетици други биле предмет на незаконски следења и прислушкување од страна на безбедносните служби под контрола на СДС. Во тој период СДС и ДУИ грубо ги прекршувале законите и ги злоупотребувале институциите. АНБ и АР биле во служба на политичката мафија, додека ЈО и Љупчо Коцевски дејствувале во интерес на СДС и ДУИ, прикривајќи го криминалот,“ стои во соопштението.
ВМРО-ДПМНЕ нагласува дека е неопходно ЈО да престане да ги штити, како што велат, антидемократските структури на СДС и ДУИ и да започне да работи во интерес на владеењето на правото и враќањето на довербата во институциите.
„Во спротивно, довербата на народот во правосудството, која сега е на два проценти, ќе падне на нула. Коцевски мора да преземе одговорност, затоа што е директно виновен за минимум довербата во правосудните органи,“ додаваат од партијата.
На крај, од ВМРО-ДПМНЕ бараат одговор од ЈО кој стои зад наредбите на АНБ и АР и кои лица биле дел од мрежата на незаконското следење.
