ВМРО-ДПМНЕ доби уште една општина – кандидатот за градоначалник се повлече од вториот круг
Независниот кандидат за градоначалник на Општина Македонски Брод, Милосим Војнески, објави дека се повлекува од изборната трка пред вториот круг од локалните избори. Војнески, кој во првиот круг освои 20,38 отсто од гласовите, својата одлука ја соопшти преку објава на социјалните мрежи.
„Ви благодарам од срце за големата поддршка што ми ја укажавте во првиот круг од локалните избори.
По бројните разговори со вас, мои сограѓани, одлучив да ја повлечам својата кандидатура.
Ги разбирам сите оние кои, поради различни причини, ги поделија своите гласови дури и во рамките на семејствата, и не би сакал дополнително да ги продлабочувам тие теми.
ВМРО-ДПМНЕ е мојата матична партија — партија на која и го посветив поголемиот дел од својот живот, уште од времето на осамостојувањето па се до денес.
Сметам дека најдобрата одлука, во интерес на моите сограѓани, е да се повлечам од оваа изборна трка.
Свесен сум дека оваа моја одлука за многумина ќе биде изненадување, но верувајте – ова е најдоброто нешто што можев да го направам за граѓаните на нашата Општина во овој момент.
Секогаш ќе бидам достапен за граѓаните и ќе се обидам да помогнам колку што можам. Вашата поддршка никогаш нема да биде заборавена“, напиша Милосим Војнески.
