ВМРО-ДПМНЕ ДОСТАВИ ДО ЏАФЕРИ 100 ПОТПИСИ ЗА ПОЧНУВАЊЕ НА ГРАЃАНСКАТА ИНИЦИЈАТИВА ЗА ПОНИШТУВАЊЕ НА ЗАКОНОТ ЗА ПОПИС
ВМРО-ДПМНЕ денеска ги достави до Собранието потписите и записниците за почнување на иницијативата за собирање најмалку 10 илјади потписи за поднесување предлог-закон за поништување на Законот за попис.
„Очекуваме дека ќе добиеме огромна поддршка од граѓаните и дека следниот период ќе ја разбудиме власта дека на ваков начин со сила и на легитимен начин без консултации на пошироката јавноста и на политичките партии не може да се носат важни и суштински закони“, изјави генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ, Ѓорѓија Сајкоски.
Според опозициската партија, Законот за попис е лош и штетен и нема да ја прикаже реалната состојба со населението.
„Поднесовме 40 суштински амандмани со коишто требаше да се подобри текстот на законот. За жал, сите амандмани беа одбиени. Но, исто така, укажавме дека е лошо да имаме врзан потпис затоа што се остава сомнеж за самиот процес. Ние укажавме дека никаде во светот нема попис на резидентно население, а да се попишуваат и нерезидентите односно жителите кои не живеат во Република Македонија“, изјави Сајкоски.
Тој апелираше до власта да прекине постапката за спроведување на пописот бидејќи, тврди, секаде во Европа и во светот пописите се одложуваат за наредната 2022 година. Побара тоа да биде случај и кај нас и власта да го подобри законското решение бидејќи актуелното нема да донесе ништо различно од она што го имаме како државјанства.
Сајковски и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски минатата седмица поднесоа барање до ДИК за собирање најмалку 100 потписи во 4 подрачни одделенија на Комисијата во Скопје, за да може да почне граѓанската иницијатива за собирање најмалку 10 илјади потписи за предлог-закон за поништување на Законот за попис.
Според информациите од пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и од ДИК, иницијативата сега е во Собранието, каде што, во рок од два дена, за неа треба да се изјасни комисијата што Џафери ќе ја одреди како матична. Потоа, согласно Законот за референдум и други граѓански иницијативи, и Владата треба да даде оценка дали е уредно барањето на ВМРО-ДПМНЕ, по што, во рок од 20 дена, би можело да почне собирањето граѓански потписи за поднесување предлог-закон за поништување на Законот за попис.
Според проценките во ПГ на ВМРО-ДПМНЕ, собирањето 10 000 потписи би можело да почне во почетокот на март, најверојатно на територијата на целата држава, односно во сите подрачни одделенија на ДИК.
Партискиот лидер Христијан Мицкоски во последното појавување во јавноста уште еднаш побара да се одложи пописот за в години.
„Дотогаш ќе имаме терминали за отпечаток на прст кои веќе ќе бидат искористени на локалните избори. Доколку сакаат сега, имаат можност да направат електронски попис со точност од 5 отсто, односно да попишат 95 отсто од населението, а само 5 отсто да го посетат“, рече Мицкоски.
