|

ВМРО-ДПМНЕ: Филипче вчера вика судството било професионално, а Марковски за криминал од 100 милиони добива само куќен притвор

ВМРО-ДПМНЕ реагираше по апсењето на сопственикот на компанијата „Марковски“, Борче Марковски, кој според информациите од Финансиската полиција е осомничен дека со наместени тендери ја оштетил државата за околу 100 милиони денари.

Од партијата потсетуваат дека, како што велат, „со месеци предупредувале за договорени тендери и сомнителни зделки меѓу компанијата и институции под контрола на СДС“.

„Фирмата ‘Марковски’ во период од две години заработила преку државата околу 200 милиони евра, а сега е осомничена дека тендерите биле местени. Она за што ние зборувавме излезе вистина“, наведуваат од ВМРО-ДПМНЕ во своето соопштение.

Од позициската партија ја критикуваат, како што велат, „селективната правда“, посочувајќи дека судството, наместо да казнува, „излегува во пресрет на криминалците“.

„Денес повторно сме сведоци како СДС, преку своето купено и уценето судство, овозможува на осомничените да добијат куќен притвор наместо затворска мерка. 100 милиони денари се казнуваат со куќен притвор – тоа е сликата на правосудството во Македонија,“ се додава во реакцијата.

ВМРО-ДПМНЕ оцени дека е неопходно спроведување на темелни реформи во судството, со цел да се воспостави „вистинска правда и одговорност за криминалот“.



Слични Објави