|

ВМРО-ДПМНЕ ги обвини СДСМ и ДУИ за пожарите во депониите

СДС е олицетворение на хипокризија, реагираат од ВМРО-ДПМНЕ во ново соопштение. Според владејачката партија, функционери на власта предводени од Венко Филипче едно зборуваат наутро, а друго прават навечер.

„Претпладне се загрижени за пожарите, кои очигледно се подметнати, и им држат лекции на граѓаните да не излегуваат од дома, да носат маски и слично. Но, попладнето, поточно приквечер, си собраа дружина, излегоа во Градски парк, се сликаа и правеа селфиња. И сега што е вистина, опасно е, седете дома, или одете во парк?“, прашуваат од ВМРО-ДПМНЕ.

Партијата укажува и на вториот аспект на кризата – намерно подметнување пожари. „Не е реално за само неколку дена да горат исклучиво депонии и секој ден да се појавува ново жариште. Станува збор за организирано палење, а зад тоа стои групацијата СДС-ДУИ“, велат од партијата на власт.

Од ВМРО-ДПМНЕ додаваат дека справувањето на институциите со пожарите ова лето било очигледно, но дека некој „одлучил да се поигрува со граѓаните и да потпалува депонии“.

Во соопштението се нагласува дека скопските градоначалници веќе четири години се борат за поефикасно справување со отпадот и почист воздух, но првите три години тоа го правеле без никаква помош од централната власт. „Не само што не помогнаа, туку и одмагаа“, обвинува ВМРО-ДПМНЕ.

„Сега на дело е функционалноста на системот и сите надлежни институции постапуваат. Но, по ова мора да следи одговорност за секој кој прави сè за власт, а на штета на граѓаните,“ стои во реакцијата.

Од ВМРО-ДПМНЕ заклучуваат дека „хипокризијата кај СДС е се поизразена – наутро сеат страв, навечер прават журки во парк, а во меѓувреме се занимаваат со специјалноста палење депонии“.

Слични Објави