ВМРО-ДПМНЕ: Јорданов со визија за модерна инфраструктура, нови инвестиции и развоен Штип
Во пресрет на локалните избори, ВМРО-ДПМНЕ во своето соопштение ја повика јавноста да даде поддршка за актуелниот градоначалник на Штип, Иван Јорданов, со заокружување на бројот 9 на гласачкото ливче. Од партијата истакнуваат дека Јорданов во изминатите четири години со посветена работа и реализирани проекти покажал дека Штип може да се развива како модерен и европски град.
Според соопштението, досегашниот мандат на Јорданов бил обележан со низа инфраструктурни и комунални зафати – реконструкција на улици и локални патишта, изградба на булеварот „Партизанска“, обиколници, спортски центри, мултифункционални паркови и училишни сали, како и изградба на воден резервоар и други значајни инвестиции за подобар живот на штипјани.
За следниот четиригодишен период, Јорданов најавува нови капитални проекти, меѓу кои изградба на најголемиот и најмодерен спа-центар во Македонија, во близина на бањата Кежовица, со цел развој на бањскиот туризам и позиционирање на Штип на туристичката мапа на земјата.
Исто така, приоритет ќе биде и доизградбата и пуштањето во употреба на Универзитетскиот клинички центар во Штип, со што ќе се обезбедат современи услови за здравствена нега, медицински персонал и студенти, како и нови работни места.
Во план е и изградба на нов студентски дом за Универзитетот во Штип, со цел создавање подобри услови за студирање и престој на младите, како и реконструкција на водоводната мрежа на улиците „Еврејска“ и „Питу Гули“, поради честите дефекти и загуби на вода.
Дополнително, Јорданов најавува изградба на Дом за стари лица, кој ќе овозможи згрижување, исхрана и здравствена заштита за повозрасните граѓани, како и оформување ученички дом, кој ќе ги олесни трошоците за учениците и родителите.
„Штип мора да продолжи да се гради и да се развива. За таа цел, потребна е масовна излезност и поддршка за бројот 9 – за Иван Јорданов, човекот што докажа дека Штип може повеќе“, се вели во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.
Партијата ги повикува граѓаните да го направат, како што велат, „вистинскиот избор за своето место и својата иднина“ и да гласаат за Иван Јорданов и советничката листа предводена од ВМРО-ДПМНЕ.
