ВМРО-ДПМНЕ: Власта да го поддржи предлогот за намалување на акцизата на горивата за 50 отсто
Предлогот на ВМРО-ДПМНЕ за намалување на акцизата на горивата за 50 отсто е на дневен ред во Собранието, СДСМ и ДУИ да го поддржат, порача опозициската ВМРО-ДПМНЕ преку соопштение.
„СДСМ да го прифати предлогот за намалување на акцизата на горивата за 50 отсто, а не да брка дневен популизам. Предлог-законот за намалување на акцизата на горивата за 50 % денес е на дневен ред во Собранието. Пратениците на СДСМ и ДУИ да го поддржат предлогот, во спротивно ќе потврдат дека бркаат само дневен популизам“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Од партијата образложија дека намалувањето на акцизата за 50 отсто ќе влијае за намалување на трошоците за производство во земјоделството, индустријата, но и ќе влијае позитивно и врз буџетот на граѓаните.
„Во последната една и пол година цените на горивата поскапеа и до 100 проценти. Единствен начин да се спречи спиралата на поскапување е намалување на акцизата на горивата за 50 отсто. Квазимерката на СДСМ, со која цените на горивата се намалуваат 30 проценти, не е доволна“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.