ВМРО-Народна: Владата сепак ја витка кичмата, но кон Белград
Oд ВМРО-Народна партија оценуваат дека конечно стана јасно зошто една недела Владата на ВМРО-ДПМНЕ правеше политичко шоу околу протоколарните пропусти со Република Бугарија. Според оваа партија, се работи како што велат за дефокусирање на јавноста за да во исто време, на 22 септември, на врвот Кајмакчалан, зад очите на македонската јавност,а притоа без никакви информации биде одбележана 108 годишнината од битката на Кајмакчалан, пренесува Независен.
„Со многу српски знамиња без ниту едно македонско знаме, во присуство на потпретседателот на македонската Влада и високи српски државници ја одбележаа „окупацијата на Македонија“. Во нивните говори ниту еднаш не беше спомнато името на државата во која претстојуваат, во нивните говори окупацијата на Македонија десетина пати беше наречена „ослободување“, во нивните говори Кајмакчалан беше нарекуван како „врата на Кралството Србија“, а Битола град во Кралството Србија.
Да не спомнуваме дека Единаесеттата македонска дивизија која се бореше од другата страна против српската окупација во Македонија никој не ја ни спомна. Очигледно Владата на ВМРО-ДПМНЕ ја продолжува традицијата по славната прослава на Зебрњак во времето на Никола Груевски во која окупацијата на Македонија ја прославуваме токму самите ние“, известуваат од партијата.
За ВМРО-Народна партија е жално да се гледа како владата на ВМРО-ДПМНЕ сепак решила да ја витка кичмата и толку недостоинствено да се однесува кон трагедијата на македонскиот народ.
„Сакаме да ја потсетиме македонската јавност дека во времето додека живеевме во Југославија и Македонија под водство на Лазар Колишевски празниците на српската окупација не беа празнувани и за тој период учевме дека тоа е најтешкиот период за македонскиот народ, а тогашната македонска левица и десница ја нарекуваше „зандана на народите“, реагираат од ВМРО-Народна партија.