Во археолошкиот локалитет Русокастро во Бугарија се откриени 17 средновековни керамички садови
Археолозите во средновековниот град Русокастро, во близина на Бургас, открија 17 керамички садови во објект покрај југозападниот крепосен ѕид, кој изгорел во силен пожар околу средината на XIV век, јавува БГНЕС.
Садовите биле наредени на полици покрај голема печка, а по пожарот паднале на подот и останале затрупани со јаглен и камења. Иако се фрагментирани, нивните делови не биле разместени, што ќе овозможи целосна реставрација.
Меѓу наодите има целосно зачувана чинија изработена во техниката сграфито, како и грниња, чаши, големи садови за храна и подница за печење леб. Археолозите годинава планираат да го завршат истражувањето на 300 метри долгиот западен ѕид и да го подготват за конзервација и реставрација. Ископувањата ги финансираат бугарската Влада и Општина Камено, а ги спроведува Регионалниот историски музеј во Бургас.

