| |

Во Бугарија доделени признанија за добри практики што ги поврзуваат науката, образованието и бизнисот

Националната агенција за оценување и акредитација (НАОА) на Бугарија ги додели своите годишни признанија за добри практики „Наука – високо образование – бизнис и општество“ на свеченост во аулата „Максима“ на Универзитетот за национално и светско стопанство (УНСС), јавува БТА.

На настанот учествуваше министерот за образование и наука, проф. Георги В’лчев.

„Живееме во време во кое високообразовните установи се наоѓаат во сложена ситуација – од една страна, треба да продолжат да бидат столбови на фундаменталните истражувања, кои немаат толку брза примена во практиката. Но живееме и во време во кое навистина треба да бараме начини за потесно поврзување на науката и високото образование и за вистинско партнерство со економијата, со бизнисот“, рече министерот В’лчев на свеченоста.

Во годинашното издание учествуваат 16 високообразовни установи и две научни организации, кои претставуваат вкупно 58 добри практики. Признанијата се доделуваат во шест категории: партнерство меѓу високообразовна установа и бизнис, примена на научни резултати во полза на општеството, иницијатива за доживотно учење, општествено значајна практика, ангажирање студенти и млади научници и иницијатива за одржлив развој на високообразовните установи, изјави претседателката на НАОА, проф. д-р Марија Нишева-Павлова.

„Нашето високо образование постојано се оценува, пред сè од НАОА. Имаме и оценки од студентите и од нивните родители, кои проценуваат што можат универзитетите да им понудат на нивните деца. Нè оценуваат и претставници на бизнисот, а на одреден начин нè оценува и општеството“, рече ректорот на УНСС, проф. Димитар Димитров.

Иницијативата има цел да ги награди успешните практики и одржливите модели на соработка меѓу високообразовните установи, научните организации, бизнисот и општеството. Преку неа НАОА ги поттикнува воведувањето иновации во образованието и науката, размената на искуства и активното учество на студентите, докторандите и младите научници во научноистражувачката и практичната дејност.

Главната награда ја добија две практики: „Студентски клуб ‘Мисија наставник’ – одржлив универзитетски модел за развој на професионален идентитет и педагошки компетенции во активна образовна заедница“ на Бургаскиот слободен универзитет и „Наследство во акција: Практика за туристички водичи“ на Југозападниот универзитет „Неофит Рилски“.

Во категоријата „Партнерство високообразовна установа/универзитет – бизнис (работодавач/и)“, првото место го освои практиката „Наставни практики на Катедрата за историја и теорија на културата“ на Софискиот универзитет „Св. Климент Охридски“. Второто место ѝ припадна на практиката „Дизајн-проект“ на Шумарско-техничкиот универзитет, а третото на „Гама код мастер – воведување специјализиран софтвер за обука на студенти по медицинска нега“ на Медицинскиот универзитет во Пловдив.

Во категоријата „Примена на научни резултати во полза на бизнисот/јавноста“, првото место го освои практиката „CaLV – Decision Platform: Интегрирана дигитална средина за економска анализа и оптимизација на производствените одлуки на ниво на животно и фарма“ на Економскиот универзитет во Варна. На второ место беше практиката „Оцена на геномската стабилност на производствените соеви во биотехнолошкото производство (вакцини и друго)“ на Националниот центар за заразни и паразитски болести. Третото место ѝ припадна на практиката „Учење преку искуство во ‘живи лаборатории’ за регенеративно земјоделство и управување со агроекосистемите“ на Техничкиот универзитет во Варна.

Во категоријата „Иницијатива за доживотно учење“, првото место го освои практиката „Велико Трново – територија на доживотно учење во социјалната сфера“ на Великотрновскиот универзитет „Св. Кирил и Методиј“. Второто место го доби „Практикум по хуманистички науки“ на Југозападниот универзитет „Неофит Рилски“, а третото – „Курс за стручно усовршување ‘Примена на вештачката интелигенција во образованието’“ на Економскиот универзитет во Варна.

Во категоријата „Општествено значајна практика реализирана од високообразовна установа или научна организација“, првото место го освои практиката „НСА – модел за општествено влијание преку образование, спорт и инклузија“ на Националната спортска академија „Васил Левски“. Второто место ѝ припадна на практиката „Видеомоделирање за развивање и подобрување на вештините за социјална комуникација кај лица со нарушувања од аутистичниот спектар на возраст од 6 до 16 години“ на Нов бугарски универзитет. На трето место беше „Универзитет на третата доба: активна општествена ангажираност“ на Софискиот универзитет „Св. Климент Охридски“.

Во категоријата „Практика за ангажирање студенти и млади научници“, на прво место беше рангирана практиката „IT Master class“ на Економскиот универзитет во Варна. Второто место го освои „Поттикнување на академскиот интегритет преку семинари за обука, научни форуми и меѓууниверзитетска соработка“ на Југозападниот универзитет „Неофит Рилски“. Третото место ѝ припадна на практиката „Проактивно менторство за ран академски успех“ на Универзитетот за национално и светско стопанство.

Во категоријата „Институционална иницијатива за одржлив развој на високообразовна установа“, првото место го освои практиката „AuraTUS: Интегриран модел за следење и управување со јаглеродниот отпечаток на Техничкиот универзитет во Софија“. На второ место беше „Интерактивно моделирање сценарија за иднината преку G80“ на Софискиот универзитет, а на трето – „Волонтерски активности со социјален фокус – доделена ознака за квалитет“ на Економскиот универзитет во Варна.

Годишните признанија се доделуваат втора година по ред и се дел од иницијативата на НАОА за создавање каталог на добри практики. Неговата цел е да ги промовира успешните примери од академската и научната заедница и да ја поттикне нивната примена во образовните и научните институции.

Слични Објави