Во Бугарија почна изградбата на првиот батериски парк со технологија Tesla Megapack 2 XL
Премиерот на Бугарија Румен Радев и министрите за енергетика Ива Петрова и за иновации и дигитална трансформација Иван Василев го означија почетокот на изградбата на првиот батериски парк во земјата со технологијата Tesla Megapack 2 XL, јавува 24 часа.
Проектот во Тврдица го реализираат бугарските компании Power Profit и Asarel Trade како дел од инвестициска програма вредна над 350 милиони евра за развој на инфраструктура за складирање електрична енергија.
Паркот ќе има капацитет за складирање од 300 MWh и ќе биде првиот од трите договорени проекти на Power Profit и Asarel Trade со Tesla, со вкупен капацитет од над 2.300 MWh. Предвидено е поставување 80 батериски единици и придружна високонапонска инфраструктура, а пуштањето во употреба се очекува во вториот квартал од 2027 година.
„Во земјата ќе биде воведена најмодерната технологија на Tesla, што ќе обезбеди низа предности – поголема стабилност и баланс на системот, поголема флексибилност и, пред сè, пониски цени на електричната енергија“, изјави премиерот Румен Радев.
„Со години на различни форуми и во рамките на Европскиот совет се зборува дека оној што ќе успее да изгради капацитет за сигурно, конкурентно и одржливо складирање енергија го држи клучот за иднината. Мило ми е што денес Бугарија самоуверено го држи тој клуч“, додаде Радев.
Министерката за енергетика Ива Петрова истакна дека батериските системи имаат важна улога за флексибилноста и сигурноста на електроенергетскиот систем при зголемен удел на обновливите извори.
„Бугарија веќе располага со значително искуство во оваа област – за помалку од година и половина во земјата се пуштени во употреба над 6 GW системи за складирање. Овој развој придонесе за обезбедување електрична енергија како за домашната потрошувачка, така и за поддршка на соседните земји во критичниот летен период“, рече Петрова.
По церемонијата, Радев и министрите Василев и Петрова одржаа средба со претставници на Tesla, на која разговараа за потенцијални инвестиции во Бугарија.
