Во Бугарија почна склопувањето на првите борбени машини „Страјкер“
Првите борбени машини „Страјкер“ се склопуваат и дополнително се опремуваат во фабриката „Терем – Ивајло“ во Велико Трново, Бугарија. Тие се дел од вкупно 198 машини предвидени со договорот со САД, од кои 183 се од семејството „Страјкер“, соопшти бугарскиот министер за одбрана Димитар Стојанов, кој денеска престојува во Велико Трново за нивното претставување, пренесе БГНЕС.
„Има доцнење од околу една година, но отсега натаму нема доцнење. Се движиме според распоредот. Плаќањата се одвиваат според распоредот, машините се испорачуваат според распоредот“, изјави Стојанов.
Тој прецизира дека Бугарија во моментов не ја произведува муницијата за овие машини и дека таа се доставува од САД. Министерот изрази надеж дека ќе биде обезбеден трансфер на технологии за земјата да може да започне сопствено производство.
„Се надевам дека ќе има трансфер на технологии и дека ќе направиме така што Бугарија сама ќе ја произведува муницијата. Имаме традиција во таа област“, рече Стојанов и ја повика бугарската одбранбена индустрија, особено приватните компании, побрзо да се приспособат на новите стандарди.
Според него, подготовката за користење на машините при реални борбени гаѓања бара време, а потребно е да се обезбеди и неопходното вооружување, вклучително и ракетите „Џавелин“.
Стојанов изјави и дека не се очекува ново поскапување на договорот за „Страјкер“, ниту дополнително доцнење на испораките.
„Не се очекува зголемување на цените. Ниту, пак, се очекува доцнење, напротив – тоа се компензира со порано извршени испораки“, посочи министерот.
Бугарија работи и на тоа фабриката „Терем – Ивајло“ да стане регионален центар за одржување на машините „Страјкер“. Според Стојанов, земјата има капацитет да обезбедува одржување од прво, второ и трето ниво. Тој посочи дека вакви машини користат и Северна Македонија и Украина.
Министерот го коментираше и преструктуирањето на „Терем“. Според него, тоа нема негативно да се одрази врз фабриката во Велико Трново, туку, напротив, претпријатието ќе се проширува и ќе добива нови обврски во рамките на проекти за индустриска соработка.
Во однос на заштитата од дронови, Стојанов изјави дека не постои технолошко решение што може да гарантира стопроцентна ефикасност против беспилотните летала. Тој објасни дека ги поддржува системите за кинетичко дејствување, но дека во урбана средина се потребни и решенија за електронско војување.
Преку механизмот SAFE е предвидена набавка на 20 системи за борба против дронови. Во моментов се водат преговори со шпанска компанија, а министерот очекува во рок од една до две недели да биде потпишан меморандум за разбирање.
Стојанов соопшти и дека на првиот од очекуваните ловци на мини веќе е подигнато бугарското знаме и дека наскоро треба да пристигне во земјата. Според него, бродовите се од тип каков што бугарската Воена морнарица веќе поседува, што ќе овозможи нивно брзо воведување во употреба.
