Во Бугарија уапсена криминална група која шверцувала мигранти
Осум лица осомничени дека преку балканската рута шверцувале мигранти во Европа се уапсени во Бугарија.
„Четворицата уапсени имале статус на „цели со висока вредност“, поради високата улога што ја имале во извршувањето на криминалните активности“, се вели во соопштението на Европол, додавајќи дека еден од главните водачи на групата претходно бил под истрага во Австрија, за криумчарење мигранти.
Оваа група наплатувала илегален трансфер на мигранти од Турција во Бугарија, а потоа и во други земји од Европската Унија по цена од 6.000 евра по лице. Според досегашните информации, тие досега на овој начин превезле најмалку 130 лица.
Нерегуларните мигранти пеш би ја преминувале границата меѓу Турција и Бугарија, со помош на водичи обезбедени од организаторите во Турција. Откако ќе ја минат границата, ќе ги пречекаат молдавски возачи, кои претходно добиле автомобили и ГПС координати со локацијата каде што ќе ги земат мигрантите во текот на ноќта. Ги превезувале до бугарско-српската или бугарско-романската граница и за тоа им биле платени по сто евра по човек или од 700 до 1.000 евра. Мигрантите платиле околу 6.000 евра до Босна и Херцеговина, а повеќе од 4.000 евра за транспорт до Србија.
Бугарската полиција во соработка со колегите од Романија и Молдавија изврши претрес на 15 локации во бугарскиот град Пловдив. Во рациите се одземени 13 мобилни телефони, оружје и муниција, како и документи за возила со кои се превезувале илегални мигранти.
Од Европол велат дека шверцерските активности биле многу сложено организирани, бидејќи водачите на групата, организаторите и оперативците на терен се од различни националности и од различни земји.
„Главните водачи беа државјани на Сирија и Јордан, кои ги координираат криминалните активности со други шверцери лоцирани во Турција и долж западнобалканската рута. Бугарските државјани биле одговорни за логистика, односно за наоѓање и купување на автомобили со кои се превезувале мигранти и ги регистрирале на имиња на други лица. Таа група користела и молдавски возачи за транспорт на мигранти, кои ги регрутирале преку Интернет“, објаснуваат од Европол.