| |

Во Бугарија вечерва ќе бидат доделени книжевните награди „Перото“

Книжевните награди „Перото“ на Националниот дворец на културата во Бугарија ќе бидат доделени вечерва во истоимениот литературен клуб, соопштува БНТ.

На церемонијата ќе бидат прогласени добитниците во пет категории: Литература за деца, проза, дебитантско дело, поезија и превод од бугарски на странски јазик. Ќе биде доделена и специјална награда за севкупен придонес.

Наградите се доделуваат 12-та година по ред, а секој добитник ќе добие статуетка изработена од скулпторот проф. Емил Попов.

Во категоријата проза се номинирани Захари Карабашлиев за „Последниот ловец на делфини“, Албена Стамболова за „Додека не можам“ и Владислав Тодоров за „Пеколната машина на среќата“.

За наградата за поезија конкурираат Цочо Бојаџиев со „Книга на градовите“, Кристин Димитрова со „Маалска антропологија“ и Стефан Радев со „Јас бев и сенка, и шума“.

Во категоријата литература за деца се номинирани „Моите кукли“ од Марија Донева, со илустрации на Елена Панајотова, „Полјанка за снешковци“ од Иванка Могилска, со илустрации на Мила Јанева-Табакова, и „Мадам Мрн“ од Петја Кокудева, со илустрации на Калина Вутова.

За најдобро дебитантско дело се натпреваруваат Катерина Василева со „Земјата на големите грешки“, Евгенија Динева со „Калава“ и Капка Канева со „Волшебното грозје“.

За превод од бугарски на странски јазик се номинирани Изидора Анжел за англискиот превод на „Остајница“ од Рене Карабаш и Марија Вутова за шпанскиот превод на „Случајот Џем“ од Вера Мутафчиева.

Во истата категорија е номинирана и Маријана Манџулја-Жатоп за романските преводи на „Ловецот на пеперутки“ од Костадин Костадинов, „Градинарот и смртта“ од Георги Господинов, „Вулкан“ од Елена Алексиева и „Создадени од вина“ од Јоана Елми.

Настанот се одржува со финансиска поддршка од Министерството за култура на Бугарија.

Слични Објави