| |

Во Бугарија започнува кампањата „Картичка на надежта“ по повод Светскиот ден на предвремено родените деца – 15 ноември

Фондацијата „Нашите предвремено родени деца“ и издавачката куќа „Клет Бугарија“ го започнуваат второто издание на кампањата „Картичка на надежта“, преку која детски цртежи и пораки ќе стигнат до семејства со предвремено родени бебиња во неонатолошките одделенија низ Бугарија, соопштија организаторите, пренесува БТА.

Годинешната тема е „Прегратка за целото семејство“, а повод е Светскиот ден на предвремено родените деца, 15 ноември. Готовите картички може да се испраќаат до 6 ноември 2026 година.

Покрај родителите и градинките, првпат во иницијативата може да се вклучат и ученици од почетните одделенија на основните училишта. Организаторите подготвија нови шаблони и песничка, како и празен шаблон за самостојни цртежи и креативни идеи.

„Предвременото раѓање го менува животот на целото семејство. Вниманието е насочено кон бебето, а родителите неизбежно минуваат низ тешки емоции, стравови и неизвесност. Затоа овојпат избравме да зборуваме за прегратка за целото семејство“, изјави Моника Златанова од фондацијата.

Таа нагласи дека целта на картичките е семејствата да почувствуваат поддршка во тешкиот период.

„Сакаме да им покажеме дека има луѓе што мислат на нив и ги поддржуваат“, рече Златанова.

Во првото издание на кампањата, одржано во мај, повеќе од 2.500 картички изработени од деца од над 60 градинки биле подарени на семејства во 28 неонатолошки одделенија.

За учество е потребно да се преземат и испечатат шаблоните објавени на страницата на фондацијата. Децата може да ги обојат, да ги украсат и да додадат лична порака. Учесниците, по желба, може да споделат фотографии од картичките или кратки видеа со хаштагот #ПрегръдкатаЛекува.

Иницијативата е дел од националната есенска кампања „Заедно за предвремено родените деца“. Фондацијата истакнува дека на семејствата им е потребна поддршка не само непосредно по раѓањето, туку и во годините по излегувањето од болница.

Фондацијата е основана во 2012 година од мајки што поминале низ искуството на предвремено породување. Нејзината работа е насочена кон подобрување на грижата за предвремено родените бебиња во Бугарија и обезбедување навремена и професионална поддршка за нивните семејства.

Слични Објави