|

Во Германија изгоре хотел за сместување бегалци од Украина

Ноќта кон четвртокот во местото Бловатц на североистокот од Германија изгорел хотел во кој биле сместени бегалци од Украина, а претходно на ѕидот на истиот објект се појавиле кукасти крстови, известуваат локалните медиуми.

„Запрепастен сум и лут. Досега тука немавме активности со десно радикална заднина“, изјави градоначалникот на Бловац, Тино Шмид додавајќи дека досега немало непријателство кон бегалците од Украина.

Пожарот во средата ноќта започнал да се шири од фасадата на зградата, а до четвртокот утрото зградата на хотелот целосно изгорела. Хотелот бил историска градба прекриена со трска, што е карактеристично за северот на Европа.

Во хотелот до средата вечерта биле сместени 14 бегалци од војната во Украина кои навреме биле евакуирани.

Во понеделникот социјалните работници кои се грижат за бегалците пријавиле дека непознати сторители на ѕидот од хотелот нацртале кукасти крстови (свастики), обележје на нацистичка Германија од Втората светска војна.

Премиерката на сојузната покраина Мекленбург-Западна Померанија, Мануела Швезиг од владејачката на сојузно ниво Социјалдемократска партија на Германија (SPD) најави дека ќе го посети местото на инцидентот.

Последните седмици во германските градови, особено на истокот од земјата се одржуваат протести против бранот поскапување на кои се бара и променеа на односот на Берлин кон војната во Украина и прекин на испораките на оружје.

На некои од протестите се изразуваше и противење на доаѓањето на бегалците од Украина во Германија. На некои протести како соорганизатор се јавува евроскептичната и противдоселеничка партија Алтернатива за Германија (AfD), којашто и во парламентот се залага за промена на германската политика кон војната во Украина.

Од крајот на февруари и почетокот на војната, во Германија пристигнале повеќе од милион луѓе од Украина.

Некои германски политички кругови го критикуваат фактот дека бегалците од Украина, кога станува збор за бенефициите, се третираат подобро отколку бегалците од другите земји, а претседателот на најголемата опозициска партија Христијанско-демократската унија (CDU), Фридрих Мерц, неодамна дел од бегалците од Украина ги обвини за злоупотреба на германскиот социјален систем зборувајќи за „социјален туризам“.

Извор: tocka.com.mk

Слични Објави