Во градот Симитли е отворена првата фабрика за оптички кабли во Бугарија
Во градот Симитли на 29 април, свечено беше отворена првата фабрика за производство на оптички кабли во Бугарија – стратешки проект што ја позиционира општината на мапата на високотехнолошкото индустриско производство во земјата, јавува локалниот информативен портал Симитли.инфо.
Лентата на новото модерно претпријатие беше свечено пресечена од градоначалникот на општина Симитли, Апостол Апостолов, и инвеститорот и управител на друштвото, Ивајло Нешев – човекот што ја претвори визијата за иновации во реалност.
Проектот, реализиран од „Симлер“ ДОО, е многу повеќе од инвестиција – тој е симбол на новиот индустриски бран во Бугарија, заснован на технологии, додадена вредност и одржлив раст.
Настанот собра водечки претставници на бизнисот и институциите, меѓународни партнери од Србија, претставници на Vivacom и швајцарската компанија RDM, како и претседателот на Општинскиот совет – Симитли, Вилимир Александров, кметот на село Крупник, Александар Равначки, и кметот на Градево, Николај Филимонов.
Новото претпријатие ќе произведува висококвалитетни оптички кабли за телекомуникациски оператори и големи инфраструктурни проекти – клучен елемент за изградба на брзи, сигурни и одржливи комуникациски мрежи во дигиталната ера.
Гостите беа импресионирани од високотехнолошката база – производствена хала од нова генерација, опремена со две модерни линии и специјализирана машина за боење на оптички влакна. Оваа технологија овозможува целиот производствен циклус да се реализира целосно во Бугарија – нешто што досега недостасуваше во индустријата.
Инвеститорот Ивајло Нешев го откри и следниот голем чекор – проширување на производството со второ претпријатие, што ќе ја зацврсти позицијата на Симитли како центар на високотехнолошката индустрија.
Фото: Симитли.инфо

