Во Градската библиотека на Софија е отворена изложба посветена на бугарските ракописи низ светот
Во Градската библиотека на бугарскиот главен град Софија на 11 мај беше отворена фотодокументарната изложба „Бугарските ракописи низ светот“, по повод Денот на светите браќа Кирил и Методиј и професионалниот празник на бугарските библиотекари, јавува БТА.
Изложбата претставува уникатни бугарски ракописи што денес се чуваат во музеи и библиотеки низ Европа, меѓу кои Лондонското четвороевангелие, Манасиевата хроника, Асеманиевото евангелие и Супрасалскиот зборник и др. Од библиотеката посочуваат дека голем дел од овие вредни ракописи биле однесени од бугарските манастири во XVIII и XIX век.
Во поставката се изложени и ретки книги, фототипски изданија и калиграфски изданија од фондот на Градската библиотека. Изложбата ќе може да се посети до 26 мај.
По повод празникот, библиотеката организира и специјални тури „Тајните катчиња на библиотеката“, при што посетителите ќе имаат можност да ги видат депоата за ретки и вредни изданија, како и музејските збирки посветени на истакнати бугарски државници и творци.

