| |

Во Куманово се потпишани два договори во рамките на програмата за прекугранична соработка меѓу Бугарија и РС Македонија

Министерот за локална самоуправа на Република Северна Македонија, Ристо Пенов и градоначалникот на Куманово, Максим Димитриевски ги потпишаа договорите за проектите од Програмата за прекугранична соработка меѓу Бугарија и Република Северна Македонија, кои имаат за цел одржлив туризам и подобрување на конкурентноста на регионот во областа на туризмот, соопшти Министерството за локална самоуправа.

Проектите „Соработка во визуелните уметности за промоција на културниот идентитет на регионот“ и „Подобрување на туристичкиот потенцијал во Ќустендил и Куманово преку модерна визија за регионите“ ги спроведува Фондација за култура и спорт Куманово и Општина Куманово.

„Прекуграничните проекти се важни за нас, бидејќи се инвестира во туризмот, како сегмент кој ни е потребен, а вкупната вредност на овие два проекти од страна на Северна Македонија е над 160 илјади евра. Заедно во двете земји во двата програмски периоди се реализирани 178 проекти со вкупна вредност од речиси 40 милиони евра. Програмата за прекугранична соработка со Бугарија е во најнапредна фаза. Почна и третиот програмски период во кој има 30 милиони евра“, рече Пенов.

Пенов посочи дека Министерството за локална самоуправа презема национално кофинансирање од 15 проценти, што е услов за искористување на средствата од Програмата за прекугранична соработка.

Слични Објави