Во музејот на украинското село Виноградивка се чува икона на Светите браќа Кирил и Методиј
Икона на Светите рамноапостолни браќа Кирил и Методиј се чува во етнографскиот музеј на селото Виноградивка, кое се наоѓа во Болградската општина, Одеска област, Украина јавува БНР. Селото е дел од историскиот регион Бесарабија и е познато по своето етничко и културно богатство – таму живеат Бугари, Гагаузи, Молдавци, Украинци и припадници на други народности.
Светата икона е дел од постојаната музејска поставка посветена на културно-историското наследство на локалната заедница. Од тимот на музејот ја споделуваат приказната за Кирил и Методиј – просветителите што ја создадоа првата словенска азбука, ги преведоа богослужбените книги и својот живот го посветија на духовното и културно издигнување на словенските народи.
По повод 24 мај – Денот на словенската писменост и култура, во музејот беше организиран тематски настан за учениците од Виноградивскиот лицеј “О.О. Банев”. На децата им беше претставена иконата на светите браќа, како и други експонати поврзани со историјата на нивните предци. Настанот вклучуваше и проекција на анимиран филм кој на разбирлив начин ја раскажува биографијата и клучните моменти од животот и делото на Светите браќа Кирил и Методиј.

