| |

Во населбата Лозен во близина на Софија се создава првиот приватен научно-технолошки парк во Бугарија

Во населбата Лозен, во близина на Софија, започна изградбата на првиот приватен научно-технолошки парк во Бугарија – Lozen Tech Park, пренесува репортерот на БГНЕС. Станува збор за иновативен комплекс што ќе обедини домашни и странски технолошки компании, истражувачко-развојни центри, стартапи, универзитети и институции.

Проектот е инвестиција на германската групација Lindner, една од најголемите странски инвеститори во земјата. Вкупната инвестиција се очекува да достигне 400 милиони лева (приближно 200 милиони евра).

На настанот присуствуваше и поранешниот бугарски претседател Росен Плевнелиев (2012–2017), кој изјави дека Lozen Tech Park го гледа како модерен „град на кратките патишта“ – концепт во кој сè е блиску и достапно: работното место, училиштето, домот и природата. Паркот се наоѓа меѓу две планини и нуди импресивен поглед и чист воздух, што го прави идеален за урбана интеграција со природата.

Проектот ќе биде реализиран во три фази, а имено изградба на станбени објекти, изградба на самиот технолошки парк, каде веќе се изградени две згради, а уште две се во изградба, третата фаза е образовната инфраструктура, вклучувајќи германско училиште кое од септември ќе прими 605 ученици.

„Ова е вистински град во градот – место каде луѓето ќе можат да живеат, работат и ги испраќаат своите деца на училиште пеш, без да го напуштат локалниот екосистем“, изјави Плевнелиев. Тој најави дека ова е само почеток и дека се планираат уште многу инвестиции во регионот помеѓу Лозен и Герман.

Настанот беше проследен од високи официјални лица, меѓу кои: заменик-премиерот Томислав Дончев, градоначалникот на Софија Васил Терзиев, шефицата на Европската комисија во Бугарија Јорданка Чобанова, градоначалникот на Панчарево Евгенија Алексиева, градоначалникот на Лозен Васил Станчев и директорот на Lindner, Хелмут Ланг.



Слични Објави