| |

Бесплатни медицински прегледи за Бугарите во албанското Голо Брдо

По втор пат, Медицинскиот колеџ при Тракискиот универзитет од Стара Загора, Бугарија, организира бесплатни медицински прегледи во Албанија, јавува БНР. Тим од 22 медицински стручњаци до 28 јуни 2025 година ќе обезбедува здравствени услуги на жителите на село Големо Острени.

Акцијата се реализира во соработка со тимот на Здравствениот центар „Острен – Требишт“, со логистичка поддршка од Амбасадата на Република Бугарија во Тирана. Иницијативата беше свечено отворена во присуство на амбасадорот на Бугарија во Албанија, г. Ивајло Киров, кој изрази благодарност до волонтерите и медицинскиот персонал за нивната посветеност.

Амбасадорот истакна дека бугарската држава останува посветена на поддршката на бугарското национално малцинство во Албанија и дека од висококвалитетните здравствени услуги ќе имаат корист сите жители во регионот.

Акцијата се спроведува во рамките на Спогодбата за соработка во областа на здравството меѓу владите на Бугарија и Албанија. Медицинските прегледи и анализи кои се нудат не се дел од редовниот државен пакет за здравствена заштита во Албанија, туку дополнителна услуга обезбедена со современа медицинска опрема што ја исполнува европските стандарди.

Сите активности се изведуваат доброволно и во координација со матичните лекари во регионот. Доколку се утврди потреба од понатамошно лекување, тоа ќе се спроведе во согласност со препораките на бугарските специјалисти и во координација со здравствениот центар.

Во 2024 година, слична акција беше успешно реализирана во градот Кукс, каде беа опфатени и жители од оддалечени планински села. Целта на иницијативата е да се обезбедат современа здравствена нега и опрема за луѓе кои немаат финансиски можности да добијат специјализирана медицинска грижа во главниот град Тирана.

Слични Објави