Во Скопје синоќа беше отворена изложбата „Дијалог низ уметноста“ на наставници од Националната академија за уметности во Софија
Изложбата „Дијалог низ уметноста“ составена од дела на наставници од Националната академија на уметностите во Софија, беше отворена синоќа во галеријата на Факултетот за ликовни уметности на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, јавува БТА.
Факултетот за ликовни уметности во Скопје интензивно се обидува да развие меѓународна соработка и оваа година резултатите се видливи, рече на отворањето на изложбата деканот на ФЛУ проф. д-р Славица Јанешлиева, која ја оцени како плодна средбата со проф. д-р Здравка Василева проректор на Националната академија на уметностите во Софија. На средбата се разговарало за идната соработка меѓу двете високообразовни институции.

„Изложбата покажува колку е лесен дијалогот низ уметноста, тоа е убав избор кој ја покажува моменталната состојба на Националната академија на уметностите сега, во личноста на нашите наставници. Нашата денешна средба исцрта многу идни планови за соработка меѓу студентите и наставниците, среќни ќе си одиме дома“, рече проректорот за уметничка дејност на академијата проф. Здравка Василева, која ги покани нејзините колеги од Факултетот за ликовни уметности во Скопје да ја посетат Софија.
Во изложбата, која ќе биде изложена во галеријата на Факултетот за ликовни уметности на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје до 22 декември се прикажани 40 дела работени со различни техники на ликовната и применета уметност од Елизар Милев, Красен Троански, Венцислав Шишков, Розина Макавеева, Васил Колев, Зоран Мише, Емануела Ковач, Здравка Василева, Кирил Божков, Николина. Енчева, Кристина Борисова, Георги Јанков, Гергана Табакова, Светозар Бенчев, Лубомил Драганов, Бојана Павлова, Капка Канева, Мања Вапцарова. Изложбата е поддржана од Министерството за култура на Бугарија.

