| |

Во Софија започна самитот на Европската радиодифузна унија во домаќинство на бугарските јавни сервиси БНТ и БНР

Медиумскиот самит на Европска радиодифузна унија беше отворен денеска 22 април во Софија. Самитот се одржува за првпат во Бугарија, со домаќинство на Бугарско национално радио и Бугарска национална телевизија, јавува БНТ.

Бугарската претседателка Илијана Јотова, која го отвори самитот, истакна дека медиумите треба да бидат „чувари на објективното претставување на фактите“ и нагласи дека нивната сила се мери со довербата и стандардите. „Инвестицијата во јавните медиуми е инвестиција во иднината на слободното општество“, рече таа.

Заменик-генералниот директор на ЕБУ, Жан-Филип де Тендер, оцени дека улогата на јавните медиуми е „од витално значење“ во услови на геополитички тензии и пад на довербата. Тој посочи дека форумот ќе се фокусира на подготвеноста за кризи и развојот на живото емитување.

Генералната директорка на БНТ, Милена Милотинова, нагласи дека медиумите се соочуваат со дезинформации и конкуренција од глобалните платформи. „Иновациите не се избор, туку неопходност“, изјави таа.

Генералниот директор на БНР, Милен Митев, посочи дека довербата во јавните медиуми е клучна за демократијата, но тие се соочуваат со конкуренција од онлајн платформи, промени во навиките на публиката и финансиски притисок.

На самитот учествуваат 150 делегати од 47 медиумски организации, кои ќе дискутираат за улогата, одржливоста и дигиталната трансформација на јавните медиуми. Форумот продолжува до 23 април.

Слични Објави