| |

Од Македонска Tрибуна: 100 години од убиството на Тодор Александров – вистински визионер и основач на МПO*

Пишува: Иван Динев Иванов

На 31 август 2024 година се навршија 100 години од дрското убиство на легендарниот македонски револуционерен лидер Тодор Александров кој не само што ја обновува Внатрешната македонска револуционерна организација (ВМРО) во декември 1919 година, туку и го вдахновува создавањето на Македонската патриотична организациja (МПО) во 1922 година. По тој повод, како дел од овогодишниот 103-ти редовен конгрес на организацијата во Гранд Рапидс, Мичиген, МПО одржа специјален панел посветен на животот и делото на Тодор Александров организиран и спонзориран од страна на МПО „Пирин“-Чикаго. Настанот достојно ја одбележа трагичната смрт на Александров, ја истакна значајноста на неговиот живот, идеи и посветеност на идеалот за слободна и независна Македонија – а воедно го објасни и контекстот во кој се издигнува идејата за Македонија за Македонците“ по Првата светска војна (ПСВ). Ова се главните моменти од овој панел.

Панел организиран од МПО Пирин-Чикаго по повод 100 години од убиството на Тодор Алелександов во Гранд Рапидс, Мичиген, 1 септември 2024 година.

Роден во 1881 година во Ново Село, Штипско, во тогашната Османлиjска империја, Александров дипломира на Бугарското педагошко училиште во Скопје и е регрутиран во Македоно-одринската револуционерна организација од Христо Матов, директорот на училиштето. Како и повеќето револуционери, тој води паралелна кариера на учител во бугарско училиште и македонски револуционер поради што бил уапсен од османлиските власти. Александров активно учествува во сите воени конфликти на Балканот помеѓу 1912 и 1919 година. Неговата чета е дел од бугарската војска која го ослободува градот Кукуш (родното место на Гоце Делчев) од отоманската власт за време на Првата балканска војна во 1912 година, а подоцна учествува и во воените операции на бугарската војска против Србите за време на Втората балканска војна. Како бугарски офицер во 11-та македонска дивизија, тој игра клучна улога во воспоставувањето на бугарска власт врз голем дел од територијата на Македонија за време на Првата светска војна (ПСВ). Во неговото писмо до царот Фердинанд од февруари 1917 година, Александров ја изразува својата загриженост дека иако на почетокот воените сојузници на Бугарија “ги ценеле услугите во корист на соjузот со бугарската интервенција во војната и биле многу внимателни кон нас, Бугарите, откако дознаа за нашите внатрешни недостатоци и слабости, почна да се однесуваат лошо со нас“. Понатаму, тој изкажува сомнеж дека “на крајот, тие нема доволно енергично да ги бранат нашите законски права над […] старите и новопоробените бугарски земји“.2

Писмо на Тодор Александров до Цар Фердинанд, 25 февруари 1917 г.

Тодор Александров и Македонија на светската сцена

Потребно е да се даде контекст на настаните во текот на 20-тите години на 20 век за да ја разбереме намерата на Александров да ја обнови ВМРО и да го инспирира создавањето на МПО. Двете балкански војни се водат за ослободување на Македонија и Западна Тракија од османлиската власт, а во тие напори се вклучуваат и многумина от поранешните дејци на македонската организација. Сепак, исходот од Втората балканска војна е катастрофален за Вардарска и Егејска Македонија, кадешто македонските Бугари во тој период се доминантен етнички елемент, но, сепак, останаа под власта на српската и грчката држави. Со наближувањето на Големата војна (т.е. ПСВ), Александров и активистите на ВМРО го гледаа тоj конфликт како втора шанса да ја ослободат Македонија под бугарското знаме. Македонските револуционери се залагаат Бугарија да се приклучи на Тројниот сојуз на Германија, Австро-Унгарија и Турција против Србија и Грција, бидеjќи последниве веќе биле вклучени на страната на Антантата. Сепак, исходот од конфликтот е катастрофален за целиот Троен сојуз, во кој е вклучена и Бугарија.

По војната Бугарија губи значителни територии, а бугарскиот елемент во Македонија и Западна Тракија станува објект на етничко чистење и насилна асимилација. Во своето интервју за Јоркшир пост, Александров истакнува дека “пред војната во Македонија имаше 1.373 бугарски училишта, со 78.854 ученици и 2.866 наставници. Имаше и 1.139 бугарски цркви. Од овие Србите и Грците не оставија ни најмала трага, бидејќи македонските Бугари во Јужна Србија беа асимилирани во ‘Јужни Срби’, додека бугарското население во Грција беше претворено во ‘Славофонски Грци.’3 Во тие околности Бугарија беше под притисок да се откаже од своите вооружени сили, да се одрече од правото да ги брани малцинствата во Македонија, Тракија, Западните покрајнини и Добруџа и да ги гони сите групи или организации кои дејствуваат на нејзината територија кои се борат во одбрана на правата на овие малцинства.

Интервју на Т. Александров за Јоркшир Пост во Велика Британија, 26 септември 1923 г.

Но, не сè изгледаше очајно. Всушност, надеж дојде од Соединетите Држави под водство на претседателот Вудро Вилсон. Вилсон ги виде неправдите што се случуваа на мировните разговори околу крајот на ПСВ и сфати дека таквото неправедно мировно решение претставува сериозна закана за долгорочната стабилност и безбедност во Европа. За таа цел, тој ги предложи своите “Четиринаесет точки” во кои се наведени принципите за еден поправеден свет, кој го вклучува правото на самоопределување за новопојавените национални држави во Европа (на пример Полска, Чехословачка итн.), како и меѓународни гаранции за “историски утврдените линии на лојалност и националност“ и за “политичката и економската независност и територијалниот интегритет на неколкуте балкански држави.”1

Откако во 1919 година е отфрлена можноста за референдуми за територијални промени во Македонија, активистите на ВМРО блиски до Александров ја издигнуваат идејата за независна Македонија по “историски утврдените линии на лојалност” на населението во овој географски регион. Оттука, водачите на ВМРО даваат ново значење на слоганот “Македонија за Македонците,” наведен од Вилијам Гладстон во 1897 година во врска со правото на самоопределување на целото население во регионот без разлика на неговиот идентитет. Значењето на овој слоган е објаснето во Директивата на ВМРО од 6 септември 1923 година во која се вели дека “во револуционерната организација учествуваат сите групи на македонското население без разлика на нивната народност, вера, пол и политичко убедување.” Четите на ВМРО и легалните конспиративни групи “ја покриват цела Македонија” и вклучуват “Турците, Албанците, Куцовласите, Грците, Гркоманите, Србоманите и Ромите кои учествуват заедно со Бугарите.”2 Тука е важно да се одебележи дека терминот ‘Македонец’ користен од ВМРО не подразбира специфична етничка група, туку се однесува на целото население во регионот.

Темелни принципи на независна Македонија

Идејата за независна Македонија изгледа како единствена остварлива алтернатива на распределбата на силите во регионот по ПСВ; таа е одраз на тогашните меѓународните околности, слично на првобитниот повик на организацијата во 1893 година за автономна Македонија, кој е одговор на Берлинскиот договор (1878) согласно кој се дозволува автономија на одредени османлиски провинции. Борбата за независна Македонија, исто така, значи дека ослабеното Царство Бугарија нема да има, барем на површината, никаков интерес за давање на директна или индиректна поддршка за четите на ВМРО, како што се бара во меѓународните договори по ПСВ. Затоа, кога го прашувале за вмешаноста на Софија во активностите на организацијата, Александров категорично ги отфрлал сите такви тврдења, особено имајќи предвид дека Србите би можеле да ги искористат како оправдание да “создадат некаков инцидент што ќе можат да го искористат по нивна волја,” посочувајќи дека “немаме потреба од подражка на нашите сонародници во Бугарија [бел. aвт.]. Имаме доволно луѓе во Македонија за да преземеме една акција на денот кога ќе одлучиме да го сториме тоа. Оружје и муниции не ни недостигаат.”3


Интервју на Тодор Александров за в. Утро, број 4256 од 7 октомври 1923 г

ВМРО под водство на Александров ги формулира клучните принципи на независна Македонија. Прво, таа е предвидена како космополитско и демократско општество. Александров и ВМРО се свесни дека ваквата независна држава ќе биде “таписерија” од различни групи кои се залагаат за “ослободување и обединување на Македонија во нејзините географски граници, во една политичка целина, во која сите народности ќе уживаат еднакви политички и граѓански права и иста духовна и културна слобода.”7 Тој, сепак, знае дека македонските Бугари би биле најголемиот и највлијателниот елемент во една ваква политичка организација.


Инструкции за нелегалните групи на ВМРО подпишани од Тодор Александров кои ја објаснуваат целта на независна Македонија, м. Јуни 1921 година.

Второ, стратегијата на ВМРО по 1919 година за промовирање на независна Македонија во голема мера се заснова на поддршката од меѓународната заедница, особено на македонската дијаспора ширум светот. Револуционерната организација изјавува дека “се потпира на моралната и материјалната поддршка на македонската емиграција во Бугарија, Америка, Турција, Русија, Романија и други земји во чии активности не се меша, како и на соработката на сите народности што живеат во земјите меѓу кои е поделена Македонија и кои се борат за своето национално и политичко ослободување.”8

Трето, ВМРО предвидува соработка со други угнетени народи и нивните движења засновани на принципот на самоопределување. Во 1923 година, Александров посочува дека “ние ќе дејствуваме кога ќе дојде нашиот час, во усогласување можеби со Хрватите, и тој ден Македонците нема да ја прекршат заклетвата што ја дадоа при приклучувањето кон нашата организација, која има за неизина света девиза ‘слобода или смрт’.”9

Тодор Александров и МПО

Поддршката од Северна Америка за борбата на ВМРО е клучна од неколку причини. Прво, заедница на македонските Бугари во Соединетите Американски Држави и Канада се проширува драстично кон крајот на 19 и почетокот на 20 век.10 Второ, македонските Бугари во Северна Америка се многу добро организирани во нивните цркви, неделни училишта, братства, и други организации во заедницата. Тие го одржуваат првиот Македонски Конгрес во Америка во декември 1918 година со околу 200 присутни делегати. Трето, не само што овие мигранти ги уживаат придобивките од животот во слободни и демократски општества, туку и тие имаат политичка моќ и можат да лобираат ефективно за македонската кауза пред тамошните власти.

Александров е свесен за овој политички капитал и го испраќа Јордан Чкатров во САД како претставник на Централниот комитет (ЦК) на ВМРО. Чкатров служи три години како секретар на ЦК на МПО (под раководство на Пандил Шанев) и покажува одлични организациски вештини за да ја организира македонската имиграција во Северна Америка. Слично, раководството на ВМРО вложува многу напори да ги обедини и бугарските студенти от Македонија во Европа, особено тие во Париз, Берлин, Франкфурт, Минхен, Виена и други места.11

Убиството на Александров пред 100 години кај селото Сугарево во Пиринска Македонија на пат за Конгресот на Серскиот револуционерен округ секако е меѓу најтажните денови во историјата на ВМРО и МПО. Физичките убици—двајца месни револуционерни лидери во Пиринска Македонија—се добро познати, но вистинскиот поттикнувач останува непознат. Најопштоприфатената теорија укажува на Алеко Василев или Алеко Паша.12 Оваа хипотеза е поддржана и од раководството на ВМРО во нивното писмо до МПО од 3 ноември 1924 година.13 Овде, исто така, треба да се одбележи дека иако постојат тврдења дека наследникот на Александров, Иван Михајлов, некако бил инволвиран во овој ужасен чин, сепак овие теории остануваат непотврдени и неосновани на конкретни докази.14

Писмо до Централниот Комитет (ЦК) на МПО од ЦК на ВМРО по повод убиството на Т. Александров од 3 ноември 1924 година подпишано от Александар Протогеров и Иван Михајлов.

Како заклучок, последниот водач на историската ВМРО—Иван Михајлов— веројатно ја нуди најточната и најсеопфатна оценка за ликот и раководството на Александров на страниците на Македонска трибуна, истакнувајќи дека “Тодор во тоа време го поседуваше најголемиот авторитет на македонски борец. Се испостави дека тој има одличен осет и сфати дека уште еднаш е неопходна борба. И, конечно, покажа неговата најголема волја и сам се зафати на оваа борба под ваквите тешки околности. Со овие квалитети тој се истакнува над неговите современици. Со нив тој уште еднаш преовлада над сите останати. Херојско беше однесувањето на Александров во тоа време […] ја разбуди македонската борба и уште еднаш го покрена македонското прашање. Огромниот дел од нашето здраво општество му се поклони на делото на Тодор.”15

Гранд Рапидс, Мичиген, 1 септември 2024 г.

* Оваа статија е препечатена од Македонска трибуна, број 3555, октомври 2024 г.

2 Писмо от Тодор Александров до цар Фердинанд за прехраната на населението и войската, Македония, 25 февруари 1917 г., извор: https://www.strumski.com/biblioteka/?id=2938 (11 септ. 2024 г.).

3 “Macedonian Insurgent Leader on his Aims. Alexandroff Interviewed”, The Yorkshire Post, Yorkshire, England, 26 September 1923, извор: https://www.strumski.com/biblioteka/?id=3015, (11 септ. 2024 г.).

7 Директива на ВМРО от 6 септември 1923 г.

8 Директива на ВМРО от 6 септември 1923 г.

9 “Свобода или смъртъ” е света девиза воведена од активистите на Бугарскиот централен револуционерен комитет Љубен Каравелов и Васил Левски во 1870 година. Извор: “Тодор Александров говори,” вестник Утро, 7 октомври 1953 г.

10 Постојат тврдења дека околу 40-50 илјади Бугари се населиле во САД и Канада до 20-тите години на 20 век, и покрај тоа што официјалниот попис на САД од 1920 година покажувал околу 13 илјади луѓе кои зборуваат бугарски, 3 илјади од кои се со потекло од регионот на Македонија. Извор: Historical Statistics of the United States: Colonial Times to 1970. US Department of Commerce: Bureau of the Census, 1975, стр. 108.

11 Krasimir Karakachanov, The Uncrowned King od Macedonia: The Story of Todor Alexandrov, One of the Most Remearkeable Leaders in the Balkans. Faber Publishers, Sofia Bulgaria, 2020, стр. 202-203.

12 Karakachanov 2020, стр. 244-46.

13 “Писмо до Централния Комитетъ Македонската Политическа Организация въ Америк. Съедин. Щати и Канада”, Македония, 3 ноември 1923 г., споделено од страна на Институтот по историја на бугарската емиграција во северна Америка – “Илија Тодоров Гаџев.”

14 Оваа теорија e лансирана во 90-тите години от от историчари како Зоран Тодоровски во тогашната Република Македонија, извор: https://tinyurl.com/29ywk366 (12 септ. 2024).

15 Иванъ Михайловъ, “Македонското дѣло възкръсва следъ 1918,” Македонска Трибуна, Индијанаполис, Индијана, 3 април 1952 г., извор: https://www.strumski.com/biblioteka/?id=2035 (11 септ. 2024 г.).

Слични Објави