| |

Кој се плаши од преговори со ЕУ?

Facebook статус на Никица Корубин

Тезата, односно наметната “дебата” за (не)можноста до 2030 година, Северна Македонија да стане член на ЕУ, е всушност најновиот “ас извлечен од ракавот”, веројатно меѓу последните, во триковите по кои посега нашата “јавност”. Иако, оваа идеја прв пат јавно беше презентирана, лани за време на јунскиот ЕУ самит, од страна на грчкиот премиер, кој 2033 ја даде како крајна граница, до кога ЕУ треба да ги прими сите земји од т.н. Западен Балкан; и игнорирана од нашата “јавност” речиси целосно, тогаш растргната меѓу двете крајности на истата страна “бегство од ЕУ”: омилениот “Отворен Балкан” од една, и “одбраната на идентитетот” од друга страна.

Во меѓувреме, 2033 година, стана 2030 година, а стана и официјален став на ЕУ, но нашите секогаш претпазливи (за се’ што значи можност за приближување до ЕУ) “експерти” од целиот спектар на партиско/медиумски/нво сцена, речиси во еден глас изразија “огромен сомнеж” за остварливоста на таа цел. Никако и во никаква ситуација, не смее членството во ЕУ да се стави во позитивен контекст, а не па уште да има предвидлив датум. Но, која е всушност замената на тези во целата приказна, која така “успешно” ја тераат добро познатите “јавни личности”? Зошто воопшто се дискутира за датумот за влез на Македонија во ЕУ, кога е блокирано (со сесрдна помош на истите “јавни личности”) самото преговарање по поглавија? Како и може да се дискутира “влезот”, кога се блокира преговарањето?

Токму тука и “лежи зајакот” на нашите креатори на трикови и магии, итрини и финти, нашата веќе солидно обединета “јавност” од сите провиниенции (партии, бизнис заедница, нво експерти, академска заедница, медиуми). Чуму преговори и преговарање, кога секако нема да има влез во ЕУ? Па, нели “ЕУ е во криза”, “ЕУ ќе се распадне”, а ако не се распадне “ЕУ ќе се реформира во неколку брзини и кругови”, па ние ќе останеме на периферијата, затоа што сега сме во центарот претпоставувам. Центарот на “стакленото ѕвоно” во кое истите многу внимателно не’ чуваат од надворешниот свет. Со кој разбирливо само тие “избраните, наследените и поставените” може да комуницираат, буквално, материјално и метафорички.

Туку, да го поставиме истото прашање обратно од сосема другиот агол: а, каква е воопшто штетата од преговарањето како процес, без разлика на датумот за влез во ЕУ? Затоа што отворањето на поглавијата по области, всушност е усогласување со европските стандарди и правила, кон кој нели сите наводно тежнеат. Ниту најголемите ЕУ противници, ниту пак анти “ЕУ експертите” (контрадикција во акција), а ниту пак декларативно про ЕУ функционерите, никогаш јавно не се изјасниле дека не се залагаат за владеење на правото, независни институции, усогласена и современа законска регулатива.

Впрочем за тоа и се платени, а некои и преплатени, да го спроведат во дело токму тоа. Или што би рекле нагалено, “да си ја средиме државата”. Па, зошто тогаш ова “средување” преку процесот на преговарање некому би пречело, со сета стручна, финансиска, институционална поддршка која доаѓа при процесот на преговарање, макар и никогаш не влегле во ЕУ (сонот на секој “ЕУ експерт” кај нас)? Од преговорите ќе излеземе подобри или полоши како држава, како општество и како граѓани? И, не слушнавме, од никого, а особено не од најгласните и со најдолг стаж на “давање совети”, како всушност “ќе ја средиме државата”, така оставени сами во нашето “стаклено ѕвоно”? Која магија за тоа ќе ја употребат, на кој вредносен систем ќе се угледаат, чии пари ќе трошат, со кого државата ќе ја поврзат?

Во оваа последна лажна дилема “дали ќе влеземе или не во ЕУ до 2030 година”, од низата на опструкции и блокади од дијапазонот на ширење манипулации, хистерија и недоверба; всушност најјасно се гледа нивниот страв. Страв од преговори. Не се плашат тие од влез во ЕУ, се плашат од процесот на преговорање, со кои по автоматизам се отвара неопходноста од реформи. Се плашат од губењето на монополот кој го држат, секој во својата сфера; се плашат од контролата која ја имаат и се плашат од моќта која ќе ја загубат. Тешко е да се “глумат преговори”, како што се “глумат ЕУ поддржувачи” кои декларативно ламентираат со години, од безбедни позиции.

И токму затоа се блокира почетокот на преговорите по поглавија, не за никогаш да не завршат, туку за никогаш и да не почнат. Но, газат по опасен терен. Теренот на реалноста. На која очигледно не се навикнати, нашите клановски “властодршци” во “стакленото ѕвоно” во која ја претворија државата, без вистински информации, без вистински ревизии, без вистински реформи, без вистински преиспитувања, без вистински прашања, а уште помалку без вистински одговори, без функционален систем. Светлината никако не смее да пробие од надвор, затоа што кога еднаш ќе пробие, нема враќање назад. А, сега навистина нема враќање назад. И за тоа не им помагаат веќе никакви трикови. Циркусот привршува, а преговорите само што почнуваат. Со или без нив, со нас секако.



Слични Објави