Во Загреб се одржа тркалезна маса по повод 165 години од издавањето на „Бугарски народни песни“ на браќата Миладинови
Во месец јуни годинава се навршуваат 165 години од излегувањето од печат на зборникот „Бугарски народни песни“ на браќата Димитар и Константин Миладинови. По повод оваа значајна годишнина за бугарската историја, фолклористика и култура, Националната заедница на Бугарите во Хрватска организираше тркалезна маса во салата на најстарата хрватска културна и издавачка институција Матица хрватска, јавува БТА.
Настанот го отвори Рашко Иванов, претседател на Националната заедница на Бугарите, кој во своето обраќање го истакна значајното место на делото на двајцата браќа во културното и духовното возобновување на бугарскиот народ. Зборникот, издаден со морална и материјална помош на епископот Јосип Јурај Штросмајер во 1861 година во Загреб, дал поттик за запознавање на хрватското општество со бугарското народно творештво, рече Иванов.
Првиот реферат на тркалезната маса беше на проф. д-р Ангел Димитров копретседател на Заедничката мултидисциплинарна експертска комисија за историски и образовни прашања меѓу Бугарија и Република Северна Македонија и поранешен бугарски амбасадор во Скопје и во Република Србија. Тој говореше за богатството на зборникот на Миладиновци, кој содржи над 660 песни групирани во 12 целини, што ги претставуваат основните жанрови во бугарскиот песен фолклор – јуначки, ајдучки, љубовни, лазарски, самовилски, овчарски, жаловни, свадбени, црковни, жетварски. Зборникот содржи поговорки и гатанки, како и описи на народни обичаи и детски игри.
Проф. Ангел Димитров ја истакна политиката на македонизмот, која ги интерпретира песните од зборникот на браќата Миладинови во духот на коминтерновското разбирање на македонското прашање, при што од насловот на книгата, издавана во Македонија, е отстрането определението „бугарски народни песни“. Тој се осврна на сложените односи меѓу историјата и политиката во Република Северна Македонија, кои се одразуваат и врз денешното толкување на делото на браќата Миладинови во Скопје.
Од бугарска страна со реферат учествуваше и доц. д-р Наум Кајчев од Софиски универзитет „Климент Охридски“, заменик-претседател на Заедничката комисија за историски и образовни прашања меѓу Бугарија и Република Северна Македонија.
Од хрватска страна реферати изнесоа проф. д-р Стипе Ботица од Филозофскиот факултет на Загрепскиот универзитет – лингвист, фолклорист и поранешен претседател на Матица хрватска, и Мирко Чуриќ, заменик-претседател на Друштвото на хрватските писатели.
На тркалезната маса учествуваше и долгогодишниот новинар и публицист, доајенот на бугарската заедница во Северна Македонија Владимир Перев.
На настанот присуствуваа бугарската амбасадорка во Хрватска Ива Крулева, службеници од Амбасадата во Загреб, претставници на хрватски културни институции и интелектуалци, како и Бугари кои живеат во Загреб.

