ПРИКАЗНА ЗА ШУМСКАТА САМОВИЛА

Во една земја далеку некаде, каде нема ни адреси ни броеви, на работ на една шума, во една мала куќарка, живееше една девојка. Живееше сама, а куќата секогаш полна гости и беше. Немаше градина, а целиот двор на цвет и мирисаше. Немаше храна ни вода. А никогаш ни гладна ни жедна не беше останала. Од сите нешта што може да се имаат, таа ја имаше својата коса. Со неа се покриваше. Со неа се облекуваше. Во неа живееја суштества мали и големи. Во неа се криеше уште еден свет кој никој не го знаеше. А таа си молчеше.
Низ шумата помина една девојка патник. Не беше загубена. Ниту бараше нешто. Само патуваше и патот ја беше навел таму. Ја виде таа девојка самовила со коси и полна куќа мириси, па застана.

„Која си?”- ја праша.
„Ниедна и сите сум”- одговори.

На девојката патник тој одговор доволен и беше. И седна со неа. Седеа така двете, молчејќи зборуваа. Се гледаа во очите и ниедна погледот не го тргна.

Девојката го виде светот во косите на самовилата преку нејзините очи. Виде каде таа вода црпи. Виде каде таа цветови собира. Виде со кои овошки се храни. Ги виде сите суштества пријатели кои и ја полнат куќата. Дозна. Се насмевна.
Самовилата во очите на девојката виде желби. Во сите бои форми и големини. Виде семиња што ќе родат нови светови. Виде и една љубов. И се насмевна.

„Тажна сум.” – рече девојката.
„И јас.”- одговори самовилата.

Како што го кажаа тоа дојдоа ветрови, ја распостелаа косата на самовилата низ воздухот како да е најмек кревет на кој секое влакно има свое место. Стоеше така за миг. Во голем шум се спушти косата веднаш потоа. Од тој пад стана ветер. Во ветерот имаше исполнети желби. Имаше нови мириси. Имаше нов пријател.
Се прегрнаа и девојката патник замина.

Помина уште многу пат. Но често ветерот и носеше нови мириси и желби исполнети. И една љубов. Почна и на среќа да мириса. Секој ветер девојката со две раце го гушкаше. А самовилата не беше повеќе тажна.

Автор: Ивана Китка