| |

Во Загреб свечено отворена „Бугарска училница“ во Горноградската гимназија

Во Горноградската гимназија во Загреб, на 15 октомври свечено беше отворена Бугарска училница – постојана изложба посветена на првите бугарски ученици во Загреб. Тие учеле таму по 1868 година со стипендии доделени од пријателот на Бугарија, бискупот Јосип Јурај Штросмаер, јавува БТА.

Зградата на гимназијата, која има особено значење за бугарската историја, беше сериозно оштетена во силниот земјотрес што го погоди Загреб во март 2020 година. На 30 декември истата година, Владата на Република Бугарија одобри 100.000 евра помош за обновување на погодените објекти во Хрватска – по 50.000 евра за Горноградската гимназија и за Хрватската академија на науките и уметностите. По целосната реконструкција, раководството на гимназијата донесе одлука да воспостави Бугарска училница како симбол на историските бугарско-хрватски врски и пријателството меѓу двата народа.

На свеченоста, по интонацијата на химните на Хрватска и Бугарија, свои обраќања имаа директорката на гимназијата Анита Перишиќ, преведувачката на бугарска литература Ксенија Бановиќ, авторот на изложбата „Бугарски ученици во Загреб“ и амбасадорката на Бугарија во Хрватска Ива Крулева.

Учениците Софија Иванова (внучка на претседателот на Националната заедница на Бугарите во Хрватска, Рашко Иванов) и Катарина Мусиќ рецитираа стихови на бугарски и хрватски јазик од циклусот „Роден збор“. Хорот на гимназијата ја изведе хрватската песна „Верувај во љубовта“.

Меѓу гостите беа Рашко Иванов, претседател на Националната заедница на Бугарите во Хрватска, Перо Дианков, претставник на бугарското малцинство во Градскиот совет на Загреб, претставници од Министерството за наука, образование и млади на Хрватска, службеници од Амбасадата на Бугарија, гости од Меѓународното училиште Увeкинд (Uwekind International School) од Софија кои престојуваат во Загреб преку програмата ЕРАЗМУС+, како и членови на бугарската заедница и гости од Сицилија.



Слични Објави