Бугарската култура живее во Пекинг – орден за професорот Ма Сипу
Потпретседателката на Република Бугарија, Илијана Јотова, која престојува во официјална посета на Кина, се сретна со студенти од Пекиншкиот универзитет за странски јазици, каде повеќе од 60 години се изучува специјалноста „Бугаристика“, јавува БНР.
Јотова подари книги со бугарска класика на универзитетската библиотека. Во Пекиншкиот универзитет за странски јазици се предаваат 101 јазик, а бугаристиката е една од најстарите специјалности, основана во 1961 година. Бугарскиот јазик се изучува и во уште три универзитети во Кина.
Од името на претседателот на Република Бугарија, потпретседателката Јотова го одликуваше со орден „Св. Св. Кирил и Методиј“ кинескиот бугарист професор Ма Сипу за неговиот придонес во промовирањето на бугарската историја, јазик и култура во Кина.
Професорот Ма Сипу е дипломиран на Софискиот универзитет „Св. Климент Охридски“ и заедно со свои студенти издаде двутомен бугарско-кинески и кинеско-бугарски речник.
Во обраќањето до студентите по бугаристика, потпретседателката Јотова го истакна значењето на Бугарија во развојот на словенската култура и духовност, како и доброто ниво на културна и образовна соработка меѓу Бугарија и Кина.
Во четири универзитети во Бугарија се предава кинески јазик, а над 2000 деца го изучуваат во средни училишта и детски градинки.

