Вокалниот ансамбл „Орфеја“ под уметничко раководство на Татјана Србинска одбележа 20 години од основањето во Амбасадата на Бугарија во Вашингтон
Со многу музика и емоции, во Амбасадата на Бугарија во Вашингтон беше одбележана 20-годишнината на вокалниот ансамбл „Орфеја“, под уметничко раководство на Татјана Србинска. Концертот беше дел од 18. сезона на Бугарското музичко друштво во Вашингтон. За прославата од Бостон допатуваа и пејачки од групата „Диви жени“, која исто така ја основала и ја води Србинска, соопшти Амбасадата на својата страница на Фејсбук, пренесува БТА.
Со традиционални песни, шарени носии и звуци на бугарски музички инструменти, учесниците ја поведоа публиката на возбудливо патување низ богатото културно наследство на Бугарија.
Во своите поздравни обраќања, вршителката на работите во Амбасадата Стефка Јовчева и уметничкиот директор на Бугарското музичко друштво, д-р Иво Калчев, ѝ изразија благодарност на Татјана Србинска за истрајноста, љубовта и посветеноста со кои ѝ го доближува богатството на бугарското музичко наследство на американската публика.
Ансамблот „Орфеја“ веќе две децении ги одржува живи бугарските музички традиции и ги инспирира луѓето од различно потекло да ги откријат и засакаат, истакнаа од Амбасадата.
Вечерта заврши со емотивна изведба на песната „Хубава си, моя горо“, во која се вклучи целата публика, а потоа се заигра и бугарско оро, додаваат од дипломатската мисија.
Од Амбасадата им се заблагодарија на сите што придонесоа вечерта да прерасне во вистински празник на бугарската народна музика.
„Честит јубилеј, драга Татјана! Среќна 20-годишнина, ‘Орфеја’! Нека ви донесат следните години уште многу песни, нови пријателства и вдахновена публика!“, порачаа од дипломатската мисија.
