За 17 години Центарот за асистирана репродукција во Бугарија помогнал да се родат над 25.000 деца
Се одбележуваат 17 години од основањето на Центарот за асистирана репродукција во Бугарија, преку кој се родени повеќе од 25.000 деца, изјави координаторот од фондацијата „Сакам бебе“, Светослав Спасов.
„Од наша страна, билансот е дека за овие 17 години имаме родени над 25.000 деца во Бугарија. Центарот помина низ многу промени… направивме многу подобрувања, вклучително и го зголемивме возрасниот праг на жените кои се финансираат“, истакна Спасов, кој беше гостин во утринската програма на НОВА телевизија.
Тој нагласи дека клучен проблем останува недостигот од финансирање за донорски материјал, кој во моментов не е опфатен со програмата. „Има многу парови кои чекаат свое дете, но по здравствени причини не можат да користат сопствен генетски материјал. Затоа е исклучително важно да се обезбеди финансирање и за овие случаи“, рече тој.
Според него, поради тоа што донорите во Бугарија се малку, а процедурите се скапи, дел од семејствата се принудени да земаат кредити или да продаваат имот. Во исто време, неискористени средства се враќаат во буџетот. „На крајот на 2024 година алармиравме дека над два милиона лева се вратени во буџетот… Ова создава несоодветност меѓу потребите на пациентите и можностите на фондот“, додаде Спасов.
Тој посочи дека успешноста на ин витро процедурите во Бугарија надминува 25 проценти, што, како што рече, е многу добар резултат, а условите и опремата се на светско ниво.
