За 40 годишнината на Неготинскиот музеј поддржани се 10 проекти

Десет проекти од национален интерес на Неготинскиот музеј добија поддршка на конкурсот објавен од Министерството за култура и ќе се реализираат во текот на оваа година. Ова е јубилејна година за Музејот во Неготино кој ќе одбележи 40 години од формирањето…

Како што вели в.д. директорката Драгица Чекорова еден од проектите предвидува археолошка изложба за некрополите од „Мали дол”, кај неготинското село Тремник. Раководител на активностите е докторот по археолошки науки Александра Папазова, вработена во Археолошки музеј на Република Македонија, која долги години раководи со археолошките ископувања таму. Се работи за праисториски археолошки локалитет од 11 век пред нашата ера.
Чекорова информира дека ќе извршат и рекогносцирање на археолошките локалитети во општината, нивно утврдување и опис.

Ќе биде направена и конзервација на метален накит од праисториската збирка на музејот. Заштитата ќе биде од страна на конзерватори од Завод музејот од Охрид . Конзервација ќе биде реализирана и на средновековниот накит од локалитетот „Тренче-стреа” кај неготинско Пепелиште.

Еден од проектите предвидува уредување на лапидариумот за изложба на музејската збирка камена пластика, во дворот на музејот. Ќе има и изложба на етнолошки предмети, како и едукативна работилница Музејот низ призма на етнологијата „Моја инспирација“ во соработка со образовните институции од општината.
Санирана ќе биде влагата во депото на музејот, а ќе се пристапи и кон осовременување на музејско изложбениот простор, осветлување и озвучување. Сите овие активности ќе бидат финансирани со 780 илјади денари.

Слични Објави