ЗА ЈАВНОСТА СЕ ОТВОРА ПОСЛЕДНАТА ПАЛАТА НА ПОСЛЕДНИОТ РУСКИ ЦАР

Александровата палата, последниот дом на рускиот цар Николај Втори и неговото семејство пред егзекуцијата, повторно ќе биде отворена за јавноста следното лето по обновата вредна повеќе милиони долари, објавија руските власти.

Палатата се смета за едно од најдобрите дела на италијанскиот архитект Џакомо Кваренги. Изградена е на крајот на 18 век за царот Александар Први, а во 1905 година стана резиденција на последниот руски цар.

Сместена на работ на поранешната царска престолнина Санкт Петербург, палатата почна да се обновува во 2012. За јавноста беше целосно затворена три години подоцна.

Обновата досега чинела две милијарди рубљи (околу 28,5 милиони евра). Обновени се главно подовите, плафоните и таписериите.

Првите простории кои повторно ќе бидат отворени за јавноста ќе бидат собите на царот и царицата и царската бања дизајнирана во маурски стил.

„Александровата палата е посебно место“, вели Олга Таратјанова, директорка на музејот во Царско село. „Изградена е за приватниот живот на царското семејство“.

За разлика од другите палати, Александровата не ја уништиле нацистичките војници за време на Втората светска војна. Им служела како команден штаб и затвор. Во дворот имало гробишта на СС војници.

Од Александровата палата царот Николај и неговото семејство биле протерани во Тоболск во Сибир, во август 1917. Подоцна биле одведени во Екатерининбург, каде што ги погубиле болшевиците во јули 1918.

Слични Објави