МАЛКУ ПОЗНАТИ ФАКТИ ЗА „ПОСЛЕДНАТА ВЕЧЕРА“ НА ДА ВИНЧИ

При толку многу изгледани документарни емисии, прочитани новинарски статии и ученички четива за „Последната вечера“ на Леонардо да Винчи, убедени сме дека некако успеал да ви се измолкне фактот кој најсуштински ја отсликува човековата природа, а е поврзан со сликањето на оваа фреска. Се работи за начинот на кој познатиот ренесансен италијански сликар ги избрал моделите за ликовите на Исус и на Јуда.

 

На Леонардо да Винчи му се оставени неколку години да ја осмисли и наслика Тајната вечера. Тој најпрвин ги изработува скиците за ликовите на Исус и на дванаесетте апостоли, а за нив користи живи модели.  Прв во план е ликот на Исус. За да изнајде совршен модел, со лице и карактер што изразува невиност и убавина, да Винчи внимателно разгледува илјадници млади момчиња.  Конечно, по неколку недели поминати во потрага или нешто што денес би го нарекле „кастинг“, одбрано е младо момче од деветнаесетина години, со ангелски лик и карактер кој совршено оди во прилог на надворешниот изглед.

 

Цели шест месеци да Винчи деноноќно и макотрпно работи на ликовниот портрет на носечката фигура во фреската. Следните шест години тој ги поминува во довршување на останатите единаесет лика, освен еден – Јуда. Овој лик треба да биде антитеза на ликот на Исус, олицетворение на злото, подлоста и превртливоста на човековата природа, а за оваа потреба потребен е модел на маж со тешко, бездушно лице обележано со лузни на измама, лицемерие и криминал.

 

По многу обесхрабрувачки обиди да се изнајде личност која треба да го претставува Јуда, Да Винчи наслушнува дека е пронајден токму таков човек чиј изглед целосно ги исполнува неговите барања, и тоа во зандана, осуден на смрт поради кражби и убиства. Да Винчи веднаш заминува за Рим каде лично дава налог овој човек да биде изваден од подрумските простории на затворот и да биде изведен конечно на сончева светлина.

 

Да Винчи истовремено е згрозен од ликот што е целосен епитом на злоба и пропаст, но истовремено и воодушевен што конечно, после толку години го има пронајдено совршениот модел за недовршениот лик на Јуда. Постојат сведоштва кои велат дека да Винчи буквално извикнал: „Го најдов ликот на Јуда“!

 

Во тој момент, човекот, гледајќи директно во да Винчи, вели: “Да Винчи, погледнете ме, не ли знаете кој сум јас? Зарем паднав толку ниско? Погледнете ме повторно, бидејќи јас сум истиот човек што го насликавте пред седум години како Исус”.



Слични Објави