| |

За Михајловград, Благоевград и Иван Михајлов

Мъртвите ще заговорят чрез устата на потомството.

Данаил Крапчев

Пишува: Иво Иванов

Човек не го избира местото каде што животот и родителите ќе го посеат. Роден сум во времето на зачетокот на режимот на Тодор Живков, во Михајловград. Како дете, кога патував низ Бугарија и ме прашуваа од каде сум, гордо одговарав – од Михајловград. Се чудев зошто сите возрасни се потсмевнуваа и постојано повторуваа: Фердинанд, Фердинанд.

Пораснав малку и разбрав како поранешното село Голема Кутловица добило статус на град и кнежевското име на Фердинанд Бугарски. Но дури по 1989 година дознав дека уште на 7 ноември 1944 г., додека сè уште траеле стрелањата на „народните непријатели“ во Златијата крај реката Огоста, Окружниот комитет на Народниот фронт во Фердинанд го преименува градот во Христо Михайлов. Последниов бил комунистички терорист, истакнат учесник во септемврискиот антидржавен бунт од 1923 г. Побегнал во Југославија. Се вратил нелегално за да подготвува нови метежи. По атентатот во црквата „Света Недела“ во 1925 г. е уапсен и осуден на смрт. Владата на Андреј Лапчев го помилувала со доживотен затвор. Во 1937 г. е амнистиран по повод раѓањето на принцот Симеон. Од 1941 г. повторно станува нелегален комунистички агент на БКП и загинува во престрелка со полицијата во Софија во февруари 1944 г.

Локалните шегобијци од северозападна Бугарија се шегувале дека всушност градот не е именуван по комунистот Христо Михайлов, туку по неговиот татко, поп Михо. Кога во 1945 г. Советот на министри го потврдил името Михайловград, името Христо пред него им звучело премногу побожно и затоа отпаднало.

И повторно, во тие мои невини детски години, кога пред непознати надвор од градот зборував за вилата на Иван Михайлов, сите се погледнуваа и ме прашуваа: ама кој Иван Михайлов има вила таму? Се чудев зошто морам на сите да им објаснувам дека станува збор за локалниот комунистички феудалец ген. Иван Михайлов, советски офицер и член на Централниот комитет на БКП. Тој имаше убава модернистичка вила во една од најубавите градски градини. Видниот номенклатурец беше брат на Христо Михайлов и градот именуван според неговото презиме му беше како дедовина. Дури подоцна дознав зошто во комунизмот сите околу мене воздивнуваа со олеснување кога им објаснував за кој Иван Михайлов станува збор. Луѓето ја знаеле и ја чувале меморијата и за другиот Иван Михайлов од ВМРО, но тогаш беше побезбедно да не се зборува за „Ванчо“.

Ќе ви ја скратам пикантната приказна за тоа како по 1991 г., со референдум, градот избра да го носи името на американската држава Монтана, наводно од римското Монтанезиум.

Секој со просечно образование знае дека во периодот од 1949 до 1951 г. Свети Врач станал Сандански, Горна Џумаја е преименувана во Благоевград, а Неврокоп станал Гоце Делчев. Посебно за Свети Врач е јасно – во комунизмот нема место за светци. Предавникот на ВМОРО и поборник на раниот македонизам од селото Влахи бил достојно име за урбанистите на БКП. Гоце Делчев исто така бил претставен од поранешниот режим како левичар и го заменил грко-турцизираното име Неврокоп. А за преименувањето на Благоевград било понудено оправдување дека требало да се смени турското име Џумаја.

По 1990 година, локалните луѓе категорично одбиле да го сменат името. Градот сè уште го носи името на македонистот наречен Дедото. Токму тој „Дедо“, роден во многустрадалното костурско село Загоричане, држел говори во бугарското собрание дека не е Бугарин. „Јас сум роден во Загоричане, ама не сум Бугарин, јас сум Словен. И како таков, ако сакате да знаете, јас сум за Македонија како словенска земја, што треба да има своја сопствена власт.“ После се чудиме зошто денешната скопска пропаганда бара македонисти во Пиринскиот регион. Додека престолнината на бугарскиот југозапад сè уште се кити со името на брадестиот „Дедо“, Благоевград ќе остане во нишанот на македонизмот.

На ист начин Србите ни се потсмеваат и велат дека ќе го прифатат името Цариброд во Западните покраини, само кога Бугарија ќе го преименува својот комунистички Димитровград. Брзам да појаснам дека не можеме да тврдиме дека градот крај Марица го носи името на другиот Георги Михайлов Димитров – земјоделецот, затоа што Гемето бил заколнат и платен југословенски, а потоа и британски шпион – факт.

Па така, мислам дека кога во Северна Македонија името на Иван Михајлов Гаврилов е шизма, табу и прогонувано поради бугарската национална светост, редно е Благоевград гордо да го прифати неговото име. А ако локалните комунисти, земјоделци (мислам дека овие последните се веќе историја) и нивните наследници сè уште се плашат од сенката на Иван Михајлов, можат барем да го прифатат името на Тодор Александров. Бидејќи Скопје претендира и кон неговото бугарско име и дело во ВМРО.

Слични Објави