| |

Манданата и неговиот син

Пишува: Владимир Перев

1. Манданата
Нема некој во Македонија кој не знае кој е Манданата, прекрасниот лик од филмот “Мис Стон“, маестрално одигран од македонскиот актер Петре Прличко. Таму, во таа ролја беше вплетена целата добродушност, племенитост и храброст кои ги носеше во себе си, секој македонски четник. Но, кој навистина бил Стефан Мандалов, кај нас познат како Манданата на Прличко?!

Стефан Мандалов е роден 1875 година во цело Стојаково, Гевгелиско. Во 1893 година завршува 6-ти клас во Бугарското католичко училиште во Зејтинлак, во Солун, за потоа да учителствува во селата Богородица и Серменин, Гевгелиско. За своето време бил образован човек и имал псевдоним “Докторот“. Војува со четата на Христо Чернопеев, пријател е со Јане Сандански и учествува во “Аферата Мис Стон“. Гине во септември 1903 година, во разгорот на Илинденско-Преображенското востание, во големата чета предводена од Христо Тренов, крај месноста Јуручки гробишта, село Мишино, Кочанско. Према спомените на војводата Тренов, (Илустрација Илинден, декември 1930 год). пред да умре ги молел другарите да го убијат…неговите последни зборови биле “Кажете на Македония, че аз си изпълних дълга; да живее свободна Македония“!

До денешен ден не е познато неговото гробно место.

2. Штрковите и споменот…


Селото Стојаково, на самата граница со Грција е големо, чисто и уредно, прекрасно македонско село. Познато е по големата колонија штркови за кои населението се грижи и внимава. Ги има речи си на секоја бандера, сместени во своите големи седела, заедно со својот пород. Селото го пази и својот спомен за војводата Мадалов, па затоа големата сала во селото е наречена Манданата. Тоа е и единствениот спомен за името на војводата.

3. Другиот Мандалов…

Војводата Стојан Мандалов (во средина) со неговата чета. Крсто Петрушев е седнат лево до него.


Во Стојаково е роден и еден друг Мандалов. Тоа е Стојан Мандалов, син на војводата Стефан Мандалов. Стојан е роден 1897 година. Буен, со силни патриотски чувства, учествува во Валандовската акција и во битката кај Бојмица, а во Првата светска војна служи во 11. македонска дивизија на бугарската армија. Стојан е војвода на михајловистичката ВМРО и животот го губи на 29 септември 1933 година во близина на своето село, во борба со српската кралска милиција и селскиот водач на контрачетата во служба на српскиот окупатор, Христо Станков, или Риста Странковиќ…исто така од Стојаково.

За Стојан Мандалов и јас немав никогаш чуено, се додека не го запознав Крсто Петрушев и не се сретнав со неговите никогаш згаснати спомени. Крсто, онака висок, прав и стамен, со пламенен поглед ми раскажуваше за херојството на војводата Мандалов во чија чета бил и тој, ми раскажуваше за неговата трагична смрт. Еве го суштинскиот дел: … Арно ама Стојан дали од нервоза дека е негов сограѓанин оти и од е од Стојаково исто така. Тој Станковиќ бил всушност бил Ристо Станков, негов соселанец но српски војвода на контрачета. А ти си тоа Станковиќу. И со пушката, оти тие се доближија до нас на пет, шест метра. Јас сум од десната страна на војводата Мандалов. Пушката не фаќа. Дождовите накиснале толку и таа не фаќа. Пак не фаќа. Трет куршум. Тие застанаа веќе не идат веќе. Слушаме, велат, легнете да не е ова Мандалов. Легнаа и отворија оган. Стојан уште ја чепка таа пушката. Последната пушка што ја пукнаа го удрија Стојан и само кажа Ох. На колена. Јас сум жив сведок зошто бев до него. Падна на колена и пушката измеѓу колената и се држи за пушката и ми вика на мене. Крсто предај да дојде Нишо. Јас на Ристо му велам предај да дојде Нишо. Иде Нишо од Серменин. Тој беше 42-три години. Пено и Нишо беа постари. Стојан беше 35-шест години. Дојде Нишо и вели што бе Стојане. Води ја четата во Бугарија. Многу здравје на децата и жената и со пиштолот… . Така остана, само раката му се врати и пиштолот му падна од раката.Така и го оставивме. Тој не падна, остана така.Нишо даде заповед да се качиме на височината да заземеме позиција, ако не откријат. . Инаку, убава месечина како ден, нема место да патуваме ќе не отепаат…

Херојски живот, херојска смрт, така велеше Крсто Петрушев-последниот атентатор.

4. Контрачета или предавство…заедно!
Преку филмот, Манданата замина во легендите, но легенди има и за неговиот Стојан. Овие легенди се допираат до вистината, а се кажуваат тивко и само меѓу пријатели, меѓу “нашите“, што би рекла баба ми Фанија. Контрачетниците на Риста Станков(иќ) се фотографираат со мртвото тело на војводата, за потоа да не дозволат, поруганото тело да биде закопано на селските гробишта. Стојан Мандалов е закопан на нивата, таму каде е застрелан, а српските власти и контрачетниците не дозволуваат да дојде поп и да го опее, онака како што е христијанскиот ред. По 1945 година, неговото тело е оставено таму, сѐ до денешен ден. Нивата никогаш по 1933 година не е обработувана, сопственикот ја напуштил и е оставена така, запустена. Дури по 1990-та година, организацијата Македонски национален фронт од Гевгелија, му подига скромен паметник. Телото на војводата никогаш не е откопано, паметникот е на најблиското претпоставено место. До денешен ден опстојува легендата дека е предаден од некои свои блиски и така е пронајдена групата и тој е убиен од соселанецот Риста Станков(иќ).

5. Пустелијата како проклетство


Со двајца мои пријатели одиме да го видиме местото на погибијата и гробот на Стојан Мандалов. Испустен крај, тук-таму по некое лозје кое е скромно обработувано и ненаводнувано. Насекаде густ багремар и не може да се дојде до гробот, па еден од нас, со големи ножици ги сече багремовите дрвца, за да стигнеме до местото. Паметникот е обраснат со трева и дрва, расклатен и нестабилен. Палиме свеќи…чекаме да изгаснат, за потоа да си заминеме. Нема жива душа, како некое проклетство да се надвиснало над Рудина, тој дел од Стојаковскиот реон. Нема луѓе, дворот на големата Мандалова куќа е празен, чист и добро уреден. Дури и штрковите мирно седат во високите седела.

6. Тој не падна, остана така…
Потомството на Стојан Мандалов сеуште живее во Ќустендил. Неговата сопруга Јорданка, родена во Богданци, во 1943 година добива национална бугарска пензија од Царство Бугарија, како признание за револуционерната дејност на нејзиниот сопруг. Барем некој се сетил да оддаде признание на херојот, за неговото дело и херојската гибел.

На Стојаково им остануваат само штрковите и успешно негуваниот заборав. За него, како и за многумина од паднатите херои на автономистичката ВМРО, вистинската ВМРО, филм сеуште никој не направил…

Во мене живее споменот на Крсто Петрушев: Легнаа и отворија оган. Стојан уште ја чепка таа пушката. Последната пушка што ја пукнаа го удрија Стојан и само кажа Ох. На колена. Јас сум жив сведок зошто бев до него. Падна на колена и пушката измеѓу колената и се држи за пушката и ми вика… Води ја четата во Бугарија. Многу здравје на децата и жената и со пиштолот… . Така остана, само раката му се врати и пиштолот му падна од раката.Така и го оставивме. Тој не падна, остана така…Инаку, убава месечина како ден…

Тој не падна, остана така…



Слични Објави