ЗАБОРАВЕНИОТ ГРАД – НОВИОТ КУЛТОРНО-ИСТОРИСКИ ПРОЕКТ НА МЛС

///

Со нетрпение го очекувам новиот капитален проект најавен од министерот за локална самоуптава кој ќе биде поврзан со културните знаменитости и ќе придонесе за привлекување на туристи во Битола… Дали можеби тоа се однесува на новото атрактивно дрвено мовче кое е во близина на реконструираниот „Римски пат“ кој води до локалитетот „Херсклеа“? Ама тоа мислам дека беа проекти на Општина Битола, па и градоначалничката ги сефтоса гранитните плочки, не ќе да се тие…

Не е фер господине министер да ги оставате граѓаните во исчекување на една ваква капитална инвестиција покрај автопатот Битола-Прилеп, кој покрај половина влада и вие го најавувате по 68-ми пат. Жичарницата на Пелистер ја слушаме веќе триесетина години од сите досегашни влади, а фала му на Бога што покрај повремените блокирања на движењето до сега не се случила некоја посериозна несреќа со онаа постоечката која за волја на вистината може да послужи за привлекување на туристи како оние (мислам дека беа Словенци, не ме држете за збор) кои ја фотографираа како историски споменик. Е до душа и тие заглавувањата може да послужат како панорамска атракција за разгледување на националниот парк и пошироко, доколку нема смог над Битола за да го задржи „чистиот” воздух за кој бевте „загрижени”, па сега кога имате можност го решивте проблемот со реновирање на мерната станица за квалитетот на воздухот „Битола 2“… не ќе да е до реновирањето, сè уште е истиот квалитет на воздухот, а понекогаш и по лош од периодот кога бевте загрижени.

Сакам само да прашам околу вториот капитален проект од каде ќе започнува жичарницата, па доколку не е готов проектот направете напори таа да започнува од подножјето за да нема потреба полицијата да го затвора „комотниот” пат и да ги враќа туристите кои ќе ги привлекувате. Знам дека пропуст е направен во однос на паркинг местата и ширината на патот кога го смислиле ски-центарот, но што е тука е… Најважно е што вие имате желба да привлекувате туристи без разлика на околностите. Рака на срце и убав спот имаа снимено во детското одморалиште на Пелистер вашите коалициони партнери во предизборната кампања, само што во спомен ни останаа неколкуте озабени до уши политичари гладни за функција и финансиско-материјални придобивки, а децата ќе почекаат некое ново ветување, па не беа овие последни избори…

Како што се движат работите во овие триесетина години најдобро ќе биде да смислите културно-историски проект за изгубениот град кој успеавте да го уништите во толку краток период, а има толку богата историја. Ќе започнете од Хераклеа преку новите плочки на „Римскиот пат”, покрај новото дрвено мовче, па покрај „новиот детски парк” (што во нормални градови ги има пред секоја зграда), ќе стигните до културниот центар во Отоманската империја, па низ конзулскиот „Широк сокак”, кафето и музиката на клавирите со безбројните песни за овај град и спомените на еден стил на живеење, ќе побарате некоја чистинка да му го покажете РЕК Битола, баш онака како да му го покажувате мостот кај мариовско Зовиќ. Е сега ќе оставам на желба на туристичкиот водич да одлучи дали ќе му објаснува за сите приказни поврзани со и после него…



И за крај, како што кажавте господине министер дека тука има и други проекти од други министерства и дека е добро да имаме министер од Битола, сакам да Ви се заблагодарам вам и на сите други битолчани кои беа и се дел од извршната и законодавната власт затоа што ништо не направивте за Битола, за „остварувањето” на соновите на битолчани и за уништувањето на Битола и да ве замолам да не бидете толку загрижени и благонаклонети кон вашиот град.

Автор: Благојче Трајковски

Претходна статија

ПЕТТИОТ АНТИКРИЗЕН ПАКЕТ КОНЕЧНО ОДБЛОКИРАН, ДЕНЕСКА ПРЕД СОБРАНИСКИТЕ КОМИСИИ

Следна статија

ПРОНАЈДЕН МРТОВ КУМАНОВЦОТ КОЈ БЕШЕ ПРИЈАВЕН ЗА ИСЧЕЗНАТ

Најново од Вести