ЗАЕВ И БОРИСОВ ЌЕ СЕ ПОКЛОНАТ НА ГРОБОТ НА ГОЦЕ ДЕЛЧЕВ
Премиерот на Бугарија Бојко Борисов денеска ќе престојува во Северна Македонија. На двегодишнината од Договорот за добрососедство, пријателство и соработка со Бугарија, двајцата премиери ќе разговараат за постигнатите резултати и за унапредување на соработката во повеќе области.
Македонскиот и бугарскиот премиер, Зоран Заев и Бојко Борисов, денеска заедно ќе се поклонат на гробот на Гоце Делчев, со што повторно ќе испратат порака дека чествувањето на великаните од заедничката историја треба да ги обединува народите, а не да ги дели. Два месеца по зовриената дебата „Чиј е Гоце Делчев“, и две години од потпишувањето на Договорот за добрососедство, пријателство и соработка меѓу двете земји, Борисов придружуван од вицепремиерката Екатерина Захариева, пристигнува во Скопје во предвечерјето на Илинден. По официјалниот пречек и билатералните средби на владините делегации, и тет-а-тет средбата со Заев, двајцата премиери ќе одржат заедничка прес-конференција. Потоа во црквата „Свети Спас“ ќе положат цвеќе и ќе се поклонат на гробот на Делчев. Борисов денеска ќе има средба и со шефот на државата, Стево Пендаровски.

